ЗАИГРА БУЛДОЖЕРОТ ВО 11 ОКТОМВРИ Општината срамни дивоградба до темел
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска најавува нула толеранција за нерегуларни објекти и двојни стандарди.
Општина Кисела Вода денес изврши рушење на дивоградба во населбата 11 Октомври. Се работи за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ кој е во стечај и за кој не постои потребна техничка документација. Објектот никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
Градоначалничката Стаменкоска Трајкоска истакна дека институцијата ќе постапува исклучиво според закон и правда.
– Општина Кисела Вода ќе работи законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон – рече таа.
Трајкоска нагласи дека за секој објект каде ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување.
– Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес – посочи градоначалничката.
Оваа акција доаѓа како дел од континуираните напори на општината да ги елиминира нерегуларните објекти и да ја зајакне контролната улога на институцијата врз просторот на територијата на општината.