Загубите на Србија во транспортот се 120 милиони евра, до крај на годината 600 милиони

На аеродромот Никола Тесла на 22 март минатата година имаше 14.500 патници, а годинава во истиот ден има 71 патник.

289

Поради епидемијата на коронавирусот загубите во транспортот во Србија засега се проценуваат на 120 милиони евра, изјави српската министерка за транспорт и сообраќај Зорана Михајловиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, таа за РТС изјави дека најголеми загуби бележи воздушниот сообраќај.






– На аеродромот Никола Тесла на 22 март минатата година имаше 14.500 патници, а годинава во истиот ден има 71 патник. Загуби се евидентирани и кај сите други врсти на транспорт, од водениот до железничкиот. Проценките се дека до крајот на годината загубите во транспортот ќе бидат околу 600 милиони евра – кажа Михајловиќ.

Таа додаде дека снабдувањето на граѓаните се одвива добро.

– До утринава во седум часот, на територијата на Србија влегоа 26.000 товарни возила, од кои половина се за потребите на Србија – кажа Михајловиќ.

Таа истакна дека при превоз на камионите низ Србија се следат процедурите за заштита од коронавирусот.

– Сите возачи ги контролира граничната полиција, царината и санитарната инспекција. Нашите возачи се во камионот до растовар на стоките, а потоа одат во изолација до следното патување. Кога станува збор за транзитот, овие камиони можат да се задржат најмногу 12 часа во Србија и да возат во конвој под полициска придружба – изјави Михајловиќ.

Поврзани содржини