ЗАГИНА И ГЛАВНАТА АРХИТЕКТКА Четворица мртви по уривањето на зграда во Мадрид

Две тела беа пронајдени во урнатините доцна синоќа, речиси 10 часа по несреќата. Уште две беа пронајдени и извлечени кратко пред 3 часот утринава, изјави градоначалникот на Мадрид.

469

 

Четири лица загинаа откако се урна зграда во реновирање во центарот на Мадрид, објави државниот радиодифузер РТВЕ рано утринава, повикувајќи се на службите за итни случаи.






– Две тела беа пронајдени во урнатините доцна синоќа, речиси 10 часа по несреќата. Уште две беа пронајдени и извлечени кратко пред 3 часот утринава – изјави градоначалникот на градот, Хозе Мартинез Алмеида.

Тројца мажи и една жена првично беа пријавени како исчезнати. Властите соопштија дека жената била водечки архитект на проектот.

Шесткатната зграда делумно се урна вчера, непосредно по 13 часот, во близина на Плаза де Изабел, позната и како Плаза де Опера. Зградата се реновираше веќе некое време, пренесува ДПА.

– Неколку тавански конструкции на зградата, која беше во процес на реновирање, се урнаа. Прерано е да се шпекулира за причината за несреќата – изјави Беатрис Мартин, портпаролка на службите за итни случаи на Мадрид.

Очевидци пријавија силен тресок проследен со густ облак од прав.

– Одеднаш не можевте ништо да видите – вели работник од блискиот бар.

Друг очевидец вели дека падот на зградата звучел како бомба и сите биле многу исплашени.

Шеснаесет единици на противпожарната бригада на Мадрид беа распоредени за да ги обезбедат остатоците, да спречат понатамошни уривања и да бараат потенцијално затрупани лица. Исто така, беа користени кучиња трагачи и беспилотни летала, а службите за итни случаи опширно ја опколија областа.

Според РТВЕ, зградата, во која претходно се наоѓаа канцеларии, добила одобрение за пренамена во туристички сместувачки капацитет. Градот ја издал лиценцата за новата употреба во февруари, објави радиодифузерот.

Поврзани содржини