ЗАГИНА 83-ГОДИШЕН ОХРИЃАНЕЦ Полицијата објави детали за несреќата кај аеродромот во Охрид

Полицијата соопшти детали за несреќата во која учествувале возило со охридски и возило со албански таблички.

1,813

Едно лице го загуби животот, а две се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи во средата вечерта на магистралниот пат Охрид – Кичево, кај селото Оровник, општина Дебрца.

Како што информира Министерството за внатрешни работи за Плусинфо до несреќата дошло во 20:40 часот кога се судриле „цитроен“ со охридски регистарски ознаки, управуван од В.Б. (83) од Охрид, и „ауди“ со албански национални ознаки, управувано од А.М. (36) од с. Синичане, општина Боговиње.






– На местото на несреќата починал возачот В.Б., а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош – ни изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

По насока на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција. Со телесни повреди се здобиле возачот на второто возило, А.М., и неговиот сопатник Б.Б. (24) од Куманово. Повредените се префрлени во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, каде им се укажува лекарска помош.

– Извршен е увид на местото од страна на јавен обвинител и увидна екипа од СВР Охрид – вели Димоски.

Полицијата работи на целосно расчистување на причините кои довеле до трагичната несреќа.

ТРАГЕДИЈА КАЈ ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ Едно лице загина, неколку повредени во страшна сообраќајка

Поврзани содржини