ЗАГИНА 71-ГОДИШЕН МАЖ ПРИ СУДАР СО КАМИОН Страшна несреќа на патот Куманово – Крива Паланка
71-годишен жител на Куманово го загуби животот во сообраќајна несреќа на магистралниот пат кон Крива Паланка, откако неговото „пежо“ се судри со товарно возило, увидот е во тек, а патот е целосно затворен.
Едно лице загина во сообраќајна несреќа што се случи попладнево во 13 часот на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, соопштија од СВР Куманово.
– Во СВР Куманово било пријавено дека на магистрален пат Куманово-Крива Паланка, во населба Карпош, Кумановско, се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно моторно возило и патничко моторно возило „пежо“, управувано од Б.С.(71) од Куманово. Од здобиените повреди, на местото починал Б.С., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увидот е во тек – информираат од кумановската полиција.
Од Итна помош кажаа дека нивна екипа излегла на терен.
– Наша екипа веднаш излезе на терен и лекарот констатирал смрт – изјави д-р Бленд Алии, началник на Итна помош Куманово.
Сообраќајот на овој патен правец е затворен поради увидот од страна на полицијата.