Загаденост: морал, мерачи, медијана и магла
Решението не е во моментални мерења, туку во просторно-корелациска анализа на здравствени исходи. Моменталните мерења се за моментални полемики. Ако дувне ветер, „леле колку е чисто, браво“, ако падне магла, „дрвја и камења по секој што бил нешто и некогаш“.
Кога денес ќе се спомне Николо Макијавели, најчесто се повикуваме на баналната и погрешно разбрана фраза дека „целта ги оправдува средствата“. Но Принцот е далеку подлабоко дело. Во една негова, речиси игнорирана мисла, Макијавели предупредува дека владетелот кој се обидува да им угоди на сите е осуден на неуспех, бидејќи ќе се соочи со непремостливи контрадикции и ќе го загуби авторитетот. Неговата обврска, вели Макијавели, не е да биде добар за сите, туку да ги заштити интересите на повеќето.
Иако напишано е далеку во пред-демократско време, денес звучи како основен демократски принцип. А токму тој принцип нѐ носи до едно неопходно средство за разбирање на реалноста: статистичкото размислување.
Моралот
Загадувањето е еден од ретките проблеми што не познава етникум, вера, политичка припадност, возраст или образование. И токму затоа е особено проблематично кога борбата против него станува селективна.
Ако ги погледнеме протестите против загадувањето во Македонија, ќе забележиме јасна неправилност. Во периодот 2012 – 2016 тие беа чести, но со ограничена бројност. Потоа, во периодот 2017 – 2026, протестите стануваат поретки, но помасовни. Парадоксално, токму најгласните иницијативи од првиот период – „Паркобрани“, „Плоштад Слобода“, „Еко герила“ и слични, како да исчезнаа без трага.
Тоа отвора непријатно, но легитимно прашање: дали загадувањето навистина беше нивната примарна грижа, или само пригоден морален реквизит?
Секако, постојат и иницијативи што протестираат континуирано, без разлика кој е на власт. Нив треба јасно да ги издвоиме и да ги поздравиме. Но она што не смее да стане норма е политичката условеност на еколошкиот морал. Не смее причината некој да излезе или да не излезе на протест против загадување да биде прашањето: „кој е на власт?“.
Мерачите
Изминатиов месец повторно имаше протест, a до денес сè уште има активности околу тоа. Овојпат специфично насочен кон цементарницата „Усје“. Од една страна, постои барање за нејзина дислокација – скапа, но сосема оправдана мерка ако се покаже дека фабриката е директен извор на загадување. Од друга страна, постои барање за поставување повеќе мерни станици.
Велам „ако се покаже“, бидејќи и цементарницата, без оглед што е главен негативец во нечии очи, има право на мислење и дискусија за ова прашање. Второто барање за повеќе мерни станици, според мене е нелогично и манипулативно.
Да појаснам зошто велам нелогично и манипулативно: Мерните станици се корисна алатка, но тие мерат моментална концентрација, не биолошка последица. ПМ честичките, имаат релативно рамномерна просторна распределба во урбана средина, но општо правило е: има фокус околу изворот! Технички гледано, две мерни станици околу изворот се доволни како индикатор, три е веќе идеално, повеќе од три непотребен трошок. Повеќе мерачи не значат повеќе вистина. Тоа се само повеќе податоци што лесно се вадат од контекст, а го занемаруваат фактот дека дожд или ветер „го решаваат проблемот“. Биолошките последици пак, се реална и мерлива статистика.
Медијана
Ако навистина сакаме одговор, мора да ја бараме таму каде што загадувањето остава трага: во здравјето.
Решението не е во моментални мерења, туку во просторно-корелациска анализа на здравствени исходи. Моменталните мерења се за моментални полемики. Ако дувне ветер, „леле колку е чисто, браво“ или пак „некој ги лажира податоците“. Ако пак падне магла, „дрвја и камења по секој што бил нешто и некогаш“. Мерењето на здравствените последици е статистичка кохерентност. Методот е едноставен, научно издржан и исклучително отпорен на манипулација: секое малигно белодробно заболување се бодува со фактор 20; секое хронично респираторно заболување или астма со фактор 10; секој кардиоваскуларен ефект (хипертензија, инфаркт, аритмии) со фактор 5. Факторите, овде арбитрарно ставени како 20, 10 и 5, се разбира, ги утврдува медицинската фела.
Потоа се исцртуваат концентрични кругови околу фабриката: 500 метри, 1, 2 и 4 километри, и се гледа распределбата на „негативните поени“ предизвикани од појава заболувањата на луѓе кои престојуваат 8 часа на локација (работно време) и на луѓе кои живеат на таа локација (16 до 24 часа). Ако околу фабриката постои јасен високо подигнат градиент, тогаш дислокацијата е итна и неопходна. Ако не постои, тогаш мора да имаме интелектуална храброст да прифатиме дека проблемот е поширок и подифузен, без разлика што ние луѓето имаме обичаи да бараме „еликсир“ што лечи сè и „ѓавол“ што е виновен за сè. Во овој свет, нема еден еликсир и еден ѓавол.
Магла
Здравствената статистика не може да се обвини дека е „платена“, „партиска“ или „инспирирана од роднински врски“. Не ѝ е важно кој е директор, кој министер кога се сликал и чија жена кому му е сваќа. Таа кажува нешто многу фино полирано: дали нашите сомнежи се оправдани или не.
Ние македонските граѓани можеме да бидеме тврдоглави колку сакаме, но да се расправаш против математика, физика и статистика во медицина не е граѓански активизам – тоа е интелектуална магла.
Протестите се потребни за да се разбуди системот. Но, за да се реши проблемот, треба да се смени метриката: од „денес имаше толку µg/m³“ во „животи кои се под закана и денес и утре“.