Зафировски: Заев и Филипче да кажат до каде се нарачаните вакцини Фајзер и Спутник
Докторот препорача власта да не ја игнорира заканата од новиот сој на коронавирусот.
ВМРО-ДПМНЕ и денеска побара премиерот и министерот за здравство да кажат каде се нарачаните вакцини Фајзер и Спутник.
Д-р Оливер Зафировски на прес-конференција побара Владата да не ја игнорира опасноста која се заканува како последица од делта сојот на ковид-19.
– Според она што до сега им е достапно на експертите како информација, може да се утврди дека оваа мутација на вирусот е далеку повирулентна, по брзо се шири, ја зафаќа младата популација и можноста за компликации се поголеми, но од друга страна власта нема план на повидок како да го заштити населението.Земјите во регионот и светот имаат строги контроли при влез на нивната територија, само во Македонија нема никаква контрола – рече Зафировски..
Тој препорача Министерството за здравство да воведе систем на задолжително тестирање на граничните премини и на аеродромите, за да се превенира ковидпозитивни да влезат во земјава.
– Во таа насока Филипче мора да го направи тестирањето во рамки на државата подостапно.Крајно и најбитно е да се продолжи со вакцинација, но и со поголем опфат на населението. Вакцинацијата мора да биде масовна и да се искористи летниот период за создавање на што поголем колективен имунитет кај населението, што би довеле до тоа спремни да го дочекаме новиот бран на делта сојот на есен- рече Зафировски.
Тој побара власта да каже и како планира да обезбеди нови вакцини, и праша до каде се најавените купени 800.000 Фајзерови вакцини и 200.000 вакцини Спутник, кои како што известуваа ги нарачале, а еве веќе 4 месеци ни трага ни глас од нив.