Заевото дереџе
Не помага вадење во стилот „шта је писац хтео да каже". Џабе е сиот тој напор на твојот пи-ар, џабе се сите тие нови експликации спакувани во нови флоскули и еугемизми, кои го придружуваат твоето „жалење" што твоето интервју за БГНЕС кај луѓето предозвикало толку „негативни емоции". Ма не е до луѓето, другар Заев, до тебе е! Не се пали на Тричковото лапрдање дека твојата ревизија на историјата била визија на иднината. Во твојата ревизија-визија тој гледа само провизија. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Една дебела провизија. Метафорична, џанам.
Кога ќе ти остане да те брани Тричко, кој се испоти напрегајќи се да ни испоумре сė што е македонско, а патем речено, никој во Бугарија не му верува, бидејќи уште му ги паметат неговите писанија како дописник од Софија…
Кога ќе паднеш на тоа дереџе да те „објаснува” еден Саше Политико, кој кога со тебе интимизира лично ти се обраќа со веќе митската фраза „јас будала на тебе будала”. Да го немаше, ќе требаше да го измислиме, нели?
Кога ќе сфатиш дека те разбираат и те оправдуваат само уште неколкумина кои се платени да го прават тоа, имено невозможното…
Тогаш знаеш дека си згрешил, другар Заев!
Дури и добро да си мислел – нема сега да гатаме што си мислел, нели – си згрешил.
И сега, што?
Не помага вадење во стилот „шта је писац хтео да каже”. Џабе е сиот тој напор на.твојот пи-ар, џабе се сите тие нови експликации спакувани во нови флоскули и еуфемизми, кои го придружуваат твоето „жалење” што твоето интервју за БГНЕС кај луѓето предозвикало толку „негативни емоции”.
Ма не е до луѓето, другар Заев, до тебе е!
Не се пали на Тричковото лапрдање дека твојата ревизија на историјата била визија на иднината. Во твојата ревизија-визија тој гледа само провизија. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Една дебела провизија. Метафорична, џанам.
Кога човек ќе згреши, треба да се извини (во твојов случај, јавно) и да се потруди да си ја поправи грешката. Ако воопшто може. Се разбира, предуслов за тоа е да сфати дека згрешил. А тука не можат да ти помогнат твоите лицемерни другарчиња. Тука помага само цврст карактер и срце јуначко.
Ја сфати ли својата грешка, другар Заев?
ПС. Јас бев член на СКМ тогаш кога ти си играл џамлии в село. Разлика во години. Како „стара комуњара”, должен сум да те научам нешто. Во она мор време за еретичка мисла луѓе трпеа последици (години порано и глава знаела да летне), но постоеше и нешто што се нарекуваше „другарска критика”. Во сите овие години откако си на власт, па и пред тоа, твоите пропагандисти им се испомочаа на главите на сите што те критикуваа без омраза, без зла мисла, со надеж дека ќе биде подобро. Затоа, сега немаш право да им се лутиш што бараат да си заминеш. Не умееш да трпиш другарска критика. Тоа е.