ЗАЕВИЗМОТ ЌЕ ОСТАНЕ И ПО ЗАЕВ Милошоски обвини дека власта 4 години не може да се договори за нови амбасадори

Несогласувањето помеѓу ДУИ, СДСМ, ЛДП, ДОМ, Павле Трајанов, кои и да се коалициони партнери во оваа актуелна влада, е поголемо од интересот на државата да имаме пополнети амбасади и амбасадор во Вашингтон, рече Милошоски.

961

Пратеникот Антонијо Милошоски смета дека системот заевизам најверојатно ќе се задржи и по неговото заминување од власт и од СДСМ.

– Во Скопје најголем дел од кандидатите на СДСМ мораа да имаат претходно некој од родителите да бил висок функционер во СДСМ како предуслов за тие да бидат кандидати. Сега тоа се повторува со изборот на новиот претседател во СДСМ бидејќи тој е син на господинот Ковачевски кој што беше во два мандата градоначалник на Куманово и потоа амбасадор назначен од владата на СДСМ во Подгорица, во Црна Гора. И веројатно тоа е една од препораките, референците во СДСМ како се станува висок партиски функционер ако некој од родителите во времето на транзицијата и од претходниот период бил висок функционер во СДСМ во време на позиција – рече Милошоски на денешната трибина „Исти луѓе, исти вредности“ организирана од ВМРО-ДПМНЕ.






Тој се осврнал и на проблемите во дипломатијата и испразнетите амбасадорски места кои со години не се пополнуваат.

– Во дипломатијата заевизам значи кога пет години секој ден повторувате дека САД ви се стратешки партнер, а пет години немате амбасадор во Вашингтон. Тоа е дефиниција за заевизам во дипломатијата каде што во земјата каде што имаме потпишано документ за стратешко партнерство 2008 година сега имаме празно амбасадорско столче пет години. И за да биде, би рекол, дипломатскиот срам поголем за Македонија е самата номинација. За првпат при самата номинација на кандидатот за амбасадор во Вашингтон, кај Заев и системот на заевизмот преовлада вредноста клиентелизам и го назначија професорот Љубомир Фрчкоски. За првпат во историјата на Македонија ни се случува Вашингтон официјално да ни врати назад порака дека тој не е пожелен да биде дипломат и амбасадор на Македонија во САД. И тоа е навистина непријатно за една држава со која што сите сме имале намера чекор по чекор да ги надградуваме тие стратешки односи и релации – рече Милошоски.

Тој додаде и дека четири години се зборува за регионална соработка, за Мини Шенген, за Отворен Балкан, за зголемување на трговијата и инвестициите со соседите, а истовремено земјава нема амбасадори ниту во Србија, ниту во Бугарија, ниту во Турција. Тој наброја и дека земјава нема амбасади и во Канада, Бразил, Белгија, Кина, Израел, Египет.

– Владата четири години не може да се усогласи кој да биде амбасадор на овие места и особено во Вашингтон. Тоа значи дека несогласувањето помеѓу ДУИ, СДСМ, ЛДП, ДОМ, Павле Трајанов, кои и да се коалициони партнери во оваа актуелна влада е поголемо од интересот на државата да имаме пополнети амбасади и амбасадор во Вашингтон – нагласи Милошоски.

 

Поврзани содржини