Заевци сега како груевци порано – сите дупки во законот ги научиле
Предвремената, или подобро речено, неформалната кампања, е во полн ек. Таа ќе се засилува до официјалниот старт на изборната кампања. И сето тоа е „согласно устав и закон“, иако сите знаеме дека е целосно надвор од етичката димензија на изборниот процес, која наложува изборите во целина да бидат демократски и фер. Но, во „новата реалност“ што ни ја продава Заев, нема место за зборот фер.
Под изборна кампања, вели законот, се сметаат јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од страна на надлежните изборни органи и на нивните програми.
Изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите, а тоа значи дека за овие локални избори, чиј прв круг ќе се одржи на 17 октомври, кампањата почнува на 27 септември и ќе трае до полноќ на 15 октомври.
Според тоа, формално-правно, Зоран Заев е во право кога вели дека во овој момент нема предвремена кампања и дека „никој не може да преземе никаква санкција или да поведе постапка, бидејќи кампањата не е почната“.
Дрвениот правник Заев уште и се фали: „Генерално, законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот“. Дрвениот психолог Заев додава: „Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума од пандемијата влијае врз сите нас, а ние мора да димензионираме нова реалност со која димензионираме да живееме“.
Ова се „аргументите“ со кои власта повторно води валкана предвремена изборна кампања, со секојдневна очигледна злоупотреба на јавните фондови и со нова, фатална идентификација на владејачката партија со државата. Инаку, нема ништо ново во таа „нова реалност“ за која зборува Заев, имено нема ништо реално во неа. Глеаме само едно ново „димензионирање“, или, подобро речено, предимензионирање, на овој најнов удар врз демократскиот изборен процес.
Но ете, заевци, баш како и груевци своевремено, ги знаат сите дупки во законот. Знаат што смеат да прават, за никој да не може да ги казни, за странските посматрачи, на чело со пословично индолентната мисија на ОБСЕ/ОДИХР, пак да ја одмолчат оваа компромитација на изборниот процес, оваа катадневна променада на премиерот, на министрите, на кандидатите за градоначалници и на партиските апаратчици „на теренот“, таму каде што свечено се отвораат нови објекти чие завршување е темпирано пред формалниот почеток на кампањата, но се промовираат и нови почетоци и нови ветувања. Таму каде што се купуваат душите и гласовите на избирачите.
Предвремената, или подобро речено, неформалната кампања, е во полн ек. Таа ќе се засилува до официјалниот старт на изборната кампања. И сето тоа е „согласно устав и закон“, иако сите знаеме дека е целосно надвор од етичката димензија на изборниот процес, која наложува изборите во целина да бидат демократски и фер.
Останува граѓаните да ги препознаат манипулациите и да ги казнат манипулаторите. Без оглед дали се од власта или од опозицијата. Никој друг тоа нема да го стори. Во спротивно, самите избирачи ќе бидат казнети за својата наивност, со која ги голтаат лагите на дневните политиканти.
Казната за тие што не гледаат што им се случува пред носот, или се опседнати со навивачките страсти поради кои изгубиле контакт со реалноста па веруваат во приказните за некоја „нова реалност“ што се раѓа, е позната – уште четири години лошо владеење, стагнација, незадоволство, разочарувања, апатија.
Така било секогаш, така е и сега. Помилување за недоветните, едноставно, нема.