Заев за условот на ВМРО-ДПМНЕ за личните документи: Сакам да водам љубов, ама никако да се прегрнам со партнерот
Тој апелираше партиите да го поддржат предлогот етничка припадност да стои во личните документи.
Тоа знаете како е, сакам да водам љубов, но никако да се прегрнам со партнерот, беше коментарот на премиерот Зоран Заев на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во личните документи да се пишува етничката припадност но името Северна Македонија да не стои.
– Дефинитивно треба да се подржат вакви работи (етничка припадност во личните документи) зашто сме мултиетничка држава.Знам дека има дебата, ја следам, дека тоа може да предизвика одредена дискриминација или не. Ние никој пат ниту сме се криеле, ниту секој од својот идентитет се срамел, напротив сме се гордееле, а како мултиетничко општество сите заедно се гордееме со нашата етничка разноликост, со ова богатство на културолошки и етнички, верски разноликости по кои сме препознатливи и навистина сме пример и за соживот и може многу развиени земји да учат од нас. Името по Уставот на крајот на денот е Република Северна Македонија – рече Заев.
Тој апелираше партиите да го поддржат предлогот етничка припадност да стои во личните документи.
– Да не се бараат изговори за поддршката. Не е само договорот од Преспа, туку така е и во Уставот по кој земјата е Република Северна Македонија – рече Заев.
ВМРО-ДПМНЕ го услови предлогот во личните документи да се вметне етничката припадност на граѓаните со тоа што во името на државата да не стои „северна“. Оправдување за тоа се бара во фактот што по пет години ќе почне да се применува Преспанскиот договор во однос на личните документи.