ЗАЕВ ЗА МЕРКА ОД 1 ЈАНУАРИ Државата ќе ги плати придонесите за секој нововработен млад човек

937

Еден од најновите чекори што ги преземаме, а кој значи уште поголема мотивација за секој млад човек да тргне на работ е дека од 1 јануари, за два и пол месеци од сега, државата ќе ги плати придонесите за секој млад човек што ќе тргне на работа, односно ќе биде нововработен. Дополнително, оние кои немаат практично искуство ќе бидат поддржани преку практиканство во фирмата кое државата директно ќе го покрие, истакна премиерот Зоран Заев и лидер на владејачката СДСМ на денешниот митинг во Аеродром.

Тој додаде дека следуваат и дополнителни стимулации за нововработените млади.






– Младите се нашиот двигател, нашата енергија, нашата иднина и затоа четири години сериозно вложуваме во нив: Инвестиравме во издржани, реални, младински политики, за младите да останат овде и овде да ја градат својата иднина.  Ве повикувам драги млади следете ги можностите кои доаѓаат и на централно и на локално ниво. Тие се пред вас. Државата, градот, општините ви ги обезбедуваат, останете дома во своите општини и ангажирајте се на пазарот на трудот – потенцираше Заев.

Тој упати порака до младите луѓе дека што порано стекнат работно искуство и вештини,  толку побрзо ќе напредуваат во кариерата.

– Најмногу очекувам младите да се мотивираат и да започнат свој бизнис. Да бидат свои газди со свои сопствени фирми. Државата ќе ве поддржи почитувани млади луѓе – потенцираше лидерот на СДСМ.

Тој потсети дека досега само преку ФИТР се поддржани 85 милиони за стартапи и проекти на младите луѓе.

– Ние сме првата држава која иако не е членка на ЕУ ја развива и спроведува младинската гаранција преку која изминатите години се вработија надд 8400, а во првите шест месеци од оваа година се вработија 2066 млади луѓе – нагласи Заев.

Премиерот рече дека грижата за младите ја пренесуваат и на локално ниво.

– Градиме општини кои се партнери со младите, кои го слушаат нивниот глас и ги следат нивните потреби. Воведуваме нов дигитален систем за непосреден контакт за младите со градоначалникот. На секоја младинска иницијатива која ќе се достави до општината и градоначалникот ќе биде одговорено за најмногу 10 дена. Продолжуваме со отворање на младински центри и младински локални совети во сите општини. Младите носат промени, нова енергија и нов дух. Затоа ги вклучуваме во процесите на одлучување и креирање политики како на центрано, така и на локално ниво. Следните четири години ги посветуваме на младите – нагласи Заев.

Поврзани содржини