ЗАЕВ ЗА БЕГАЛЦИТЕ Авганистан ни помогна по земјотресот во Скопје, а ние ќе дадеме надеж на 500 луѓе
Тој додаде дека политикантски се коментарите дека нашата земја покажала повеќе волја од поголеми и побогати држави да ги прифати бегалците од Авганистан.
Нашата земја знае што значи солидарност и колку е важно на солидарноста да се врати со исто таква солидарност и разбирање на трагедијата на луѓето, истакна премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ Сител на прашањето за одлуката Македонија да прифати бегалци од Авганистан.
– Понудивме помош затоа што отсекогаш сме биле и ние солидарни и знаеме што значи солидарност. Граѓаните треба да се сетат дека Авганистан учествуваше во изградбата на Скопје после катастрофалниот земјотрес и учествуваше во изградбата на Универзалната сала. Во поново време авганистанските граѓани работеа со нашите војници во заложбите да се воспостави демократијата во оваа земја. Работеа на хуманитарните проекти во Авганистан и наша должност е сега да им помогнеме кога животот им е во опасност – рече Заев во интервјуто за ТВ Сител.
Тој додаде дека политикантски се коментарите дека нашата земја покажала повеќе волја од поголеми и побогати држави да ги прифати бегалците од Авганистан.
– Ова е прашање на вредности, на хумана определба да покажеме дека сме луѓе и дека имаме разбирање за страдањето на народот на Авганистан. Многу сум горд на тоа дека ќе им дадеме надеж на 450 до 500 или повеќе луѓе во неволја – истакна премиерот Заев и информираше дека трошоците за нивното сместување до нивната конечна дестинација во трети земји ги покриваат САД.