ЗАЕВ, ВУЧИЌ И РАМА СО ПОРАКА ОД ЕЛБАСАН Отворен Балкан е пат кон ЕУ, како и нашата природна реакција за нивниот неуспех
Во Тирана денеска се потпишани како трилатерални, меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија, Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите Зоран Заев и Еди Рама одговарајќи на прашање за влијанието на различните брзини на евроинтегративните процеси врз иницијативата Отворен Балкан, порачаа дека трите држави заеднички се поддржуваат на евроинтегративниот пат, а со Отворен Балкан, кој не е замена на ЕУ, работат нешто што го правиме самите за себе, јави дописникот на МИА од Белград.
– Отворен Балкан не е замена за ЕУ, туку природна реакција на нашите држави заради некомпетентноста и неуспесите на ЕУ. Отворен Балкан е Европа, тој е европеизација на регионот и многу повеќе ќе можеме да направиме со наши сопствени сили и одговорности што ќе ги преземеме кон граѓаните. Ако регионот е посилен, заедно ќе биде посилен кон Европа што ќе ги мултициплира ефектите кон граѓаните – изјави премиерот Заев, на новинарско прашање.
Претседателот Вучиќ посочи дека прашањето на Отворен Балкан е вистинска визија. Тоа, рече, е визија на различен Балкан, визија на наш Балкан од кој не сакаме да се срамиме, туку да бидеме горди со него, со подигната глава, заеднички да работиме и отвориме подобар простор за нашите народи и подобри животни стандарди и да застанеме рамо до рамо заедно со нашите пријатели од Скопје и Тирана.
– Србија сто проценти ги поддржува интеграциите на Северна Македонија и Албанија. И секогаш бевме со таква поддршка. Од самитот во Софија почнавме да говориме со еден глас. И тоа беше изненадување за европските домаќини и потоа секогаш се сложуваме за се. Речиси сто проценти. Ако не прашате нас, ние сме единствената земја која има отворено четири поглавја и конференцијата која неодамна се случи во Брисел не може да влијае на нас затоа што ние сме многу посветени кон овој процес на Отворен Балкан, и ќе направиме сè што е можно и што знаеме и умееме секогаш да бидеме на страната на Македонија и Албанија кога зборуваме за процесот на евроинтеграција на двете земји. Тоа е паралелен процес, нешто што го правиме за самите себе. Македонија и Албанија не направија грешки, туку се работи за некои лица од други земји од ЕУ. На луѓето во вашите земји треба да им кажете дека направивте сè што ви се бараше, а не го добивте она што ви беше ветено. Имавме среќа нашите ветувања барем ги исполнија, но не го направија тоа кога збориме за Македонија и Албанија – изјави српскиот претседател.
Според албанскиот премиер Еди Рама, оние кои не сакаат да успее Отворен Балкан велат дека тој е алтернатива на евроинтеграциите, дека тоа повторно ја формира Југославија, а всушност Отворен Балкан е пат кон ЕУ.
– Ние полека ќе почнеме да им се обраќаме и на членките на ЕУ, Грција, Унгарија и Италија на почеток и ќе почнеме да ги собираме во овој процес на Отворен Балкан, кога станува збор за заедничкиот регионален пазар, паралелно со процесот на влез на заедничкиот пазар на ЕУ. И вака Отворен Балкан може да помогне. Кој нас ќе ни поверува, дека имаме начин и пат како можеме поедноставно да влеземе во вашата империја на ЕУ, ако не можеме да покажеме со своите дела дека сме на ниво на стандардите на ЕУ … Ние мораме да продолжиме напред и во нашите земји да изградиме рамка на ЕУ стандарди на живот – изјави албанскиот премиер Еди Рама.
Во Тирана денеска се потпишани како трилатерални, меѓу владите на Република Албанија, Република Србија и Република Северна Македонија, Договорот за условите за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан, Договорот за интерконекција за шемите за електронска идентификација на граѓаните на Западен Балкан, и Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика.
Со овие договори, истакна на прес-конференцијата премиерот Заев, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан” со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји.
– Веднаш штом договорите бидат ратификувани во парламентите на Северна Македонија, Албанија и Србија, граѓаните од трите земји ќе се стекнат со можност слободно да се движат и да работат во секоја од нив. На овој начин ги поврзуваме нашите човечки ресурси, го окрупнуваме нашиот пазар, ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Придобивките многу скоро ќе ги почувствуваат илјадници семејства во регионот – нагласи Заев.
Во своето обраќање премиерот на Албанија Еди Рама нагласи дека договорите потпишани во Тирана одат во насока на изедначување со принципите на пазарите на ЕУ и за регионот претставуваат чекор напред во хармонизирање со регулативите и практичните придобивки за бизнис заедниците и граѓаните.
Тој додаде дека „Отворен Балкан“ генерира резултати и го испорачува она што го предвидуваше Берлинскиот процес и дека останува инклузивен процес за останатите три земји од Западен Балкан кој ги повикува да се приклучат.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ потенцираше дека најважно е што договорите од Тирана се од директна придобивка на граѓаните на Албанија, Србија и Северна Македонија, и изрази благодарност до премиерот Заев за неговиот придонес оваа иницијатива не само да се одржа, туку ги дава и првите конкретни резултати и којашто го менува лицето на регионот.