Заев: Во првиот круг ќе одиме секој сам, а после ќе се поддржиме со ДУИ, БЕСА и со ДПА

Деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање, рече Заев.

732

Во првиот круг ќе одиме секој сам, а потоа ќе се поддржиме со ДУИ, БЕСА и со ДПА, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес конференција на отворањето на реконструираниот Римски пат кој од Битола води кон античкиот локалитет Хераклеја Линкестис.

– Драго ми е што довербата кај граѓаните за сите наши потенцијални кандидати е голема и затоа сакаат да се кандидираат добри кандидати, звучни имиња, одговорни луѓе, докажани во професијата и тоа е една голема предност која што нѐ прави фаворити на изборите. Покрај тоа што водиме по анкетите довербата е голема, се верува дека ќе победиме. Но, на крајот граѓаните одлучуваат. Јас можам да ви кажам поради тоа што сме коалициони партнери и со ДУИ, и со БЕСА и со ДПА, имаме коалиција, заедно ќе настапиме за локалните избори. Нормално, деталите не можеме да ги кажеме уште оти не ги знаеме имињата, но дефинитивно ги знаеме принципите на коалицирање. Се знае во првиот круг одат сите, после тоа се поддржуваме, фер. Така на граѓаните ќе им оставиме сами да ни кажат патот кој е, кој треба на крајот да биде избран во сите други градови – рече Заев.






На новинарско прашање во врска со кандидатот за градоначалник на Битола, претседателот на СДСМ  Заев одговори дека првите истражувања покажуваат фаворитска основа и за сегашната градоначалничка и за уште неколку квалитетни луѓе.

– Според истражувањaтa, градоначалничката Наташа Петровска е еден од најдобрите градоначалници во државата, ама тоа го мисли Зоран Заев. Да видиме битолчани што мислат. Првите истражувања покажуваат фаворитска основа и за неа и за уште неколку наши квалитетни луѓе овде. Но се надевам дека втората и третата анкета коишто се во тек ќе го кажат конечното, затоа што само тогаш можеме да кажеме дека ги слушаме граѓаните кои ни даваат мандат да сработиме и да оставиме зад себе задоволство. Секој пат можеме повеќе. Тоа што е сработено во Битола во минатите години мислам дека покрива два до три мандати на поранешните градоначалници што оставиле. Зошто? Поради тоа што затекнавме блокирана општина, сега е одблокирана, развиени се проекти буквално насекаде низ Битола – истакна Заев на прес-конференција во Битола, на која присуствуваа и шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Дејвид Гир, министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалничката Наташа Петровска.

Поврзани содржини