ЗАЕВ ВЕТИЛ, А НЕ ДАЛ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ВАРДАР Приказна за голготата на двократниот европски првак кој сега е исфрлен од ЕХФ
Единствена награда која клубот ја доби за европската титула во 2019 година беа 500.000 евра добиени од градоначалникот на Град Скопје, кои не беа доволни ни за исплата на бонусите (наградите) на играчите за освојување на титулата, вели Стојановски во сооопштението.
Поранешниот македонски премиер Зоран Заев му ветил 2,5 милиони евра на ракометниот клуб и двократен европски првак „Вардар“ за да ги исплати своите долгови, но парите никогаш не стигнале. Тоа е една од причините зошто сега, со задоцнето исплаќањето на долгот, клубот е срамно исфрлен од Европската ракометна федерација, открива поранешниот извршен директор Давор Стојановски. Тој излезе во јавноста со долго соопштение, пишува Топспорт.
„АД РК Вардар пред и по освојувањето на втората европска титула јавно кажа дека повеќе не е во можност финансиски и понатаму да го одржува клубот со буџетот како во изминатите пет години. После освојувањето на втората европска титула во 2019 година добивме повик од премиерот на Република Македонија каде ни беше ветена финансиска помош од 2.5 милиони евра од државата и побарано да се вложат дополнителни 2.5 милиони евра од сопственикот на клубот за да може да се задржи истата екипа и Вардар да продолжи со истото ниво како досега, но за жал тоа никогаш не се реализира. Единствена награда која клубот ја доби за европската титула во 2019 година беа 500.000 евра добиени од градоначалникот на Град Скопје, кои не беа доволни ни за исплата на бонусите (наградите) на играчите за освојување на титулата“, вели Стојановски во сооопштението.
Самсоненко го спасувал тимот со милијарда евра
При преземањето на клубот од Михајло Михајловски, сегашниот менаџер се префрлиле и долговите. Тимот побарал помош од Сергеј Самсоненко.
„Јуни 2021 година – АД РК Вардар 1961 добива услов од ЕХФ да достави депозит од еден милион евра како сигурност за неисплатените долгови кон играчите доколку сака да се натпреварува во следната сезона. По добивањето на овој услов Михајло Михајловски се обрати до управата на поранешниот Вардар која вложи максимални напори и депозитот кој беше побаран од еден милион евра се реализира лично од сопственикот на РК Вардар, Сергеј Самсоненко, односно во рок од триесет дена од добивањето на условот на ЕХФ, Сергеј Самсоненко исплати 700.000 евра кон играчите и даде 300.000 евра позајмица на АД РК Вардар 1961 кои беа депонирани кон ЕХФ“, вели Стојановски и додава:
Долги процедури го забавиле исплаќањето
„Во целиот овој период на исплата од страна на Сергеј Самсоненко, Михајло Михајловски и управата на поранешниот Вардар беа во постојана комуникација со играчите и преговорите со нив, каде секогаш добивавме подршка од нив и никогаш не наидовме на незадоволство за временските рокови кои беа заеднички усогласувани“.
„За останатиот долг кој требаше да се реализира до 15.05.2022 година Сергеј Самсоненко повлече кредит од банка во висина од 500.000 евра предвидени за подмирување на обврските кон играчите. Причината за нивното задоцнување до 27.05.2022 беа дополнителните административни процедури со банката“.
„По извршената уплата од 500.000 евра, согласно условот од минатата година, депозитот од 300.000 евра требаше веднаш да биде ослободен за комплетна исплата кон играчите за кои ЕХФ доби прецизен список со имиња, но за жал тоа до денес не се случи и сѐ уште овој износ е на сметката на ЕХФ, како и одреден износ кој сѐ уште не е исплатен за минатите сезони.

Бездушно нѐ казнија
„Бездушно нѐ казнија“, вели Стојанче Стоилов, капитенот на ракометниот клуб „Вардар“ кој ебеш исфрлен од Европската ракометна федерација.
– Многу сум разочаран од одлуката на ЕХФ. Бездушно нѐ казнија кога веќе се гледаше крајот на долговите и кога клубот застана на нога по неколку тешки години. Со добри засилувања за следна сезона и тешко освоена двојна титула, тие не вратија многу назад. И претходно имаше многу можности да не казнат, но ова што сега се случи во пресрет на новата сезона е чудно. Останувам во Вардар и ќе поминеме низ ова – изјави Стоилов и му порача на менаџерот Михајло Михајловски да остане во тимот до средување на состојбата.
Нѐ исфрлија за 5 минути, а потпишавме гаранција
Според Михајловски, двократнио европски шампион е неправедно исфрлен, а долгот од 2,6 милиони евра е подмирен со мало задоцнување. Михајловски приложил и банкарска гаранција дека тимот ќе ги плати долговите.
– Ги имам сите преписки со ЕХФ. Мислам дека „западњаците“ се многу крути и одлуката што ја донесоа е без правна основа. На состанокот на ЕХФ во само неколку минути донеле одлука да го исфрлат Вардар. Претседателот на ЕХФ кажал „Ние со Вардар се мачиме 2-3 години, не ги измириле обврските, мора да заведеме ред“ и ја донеле одлуката. Јас им посочив дека во време на пандемија и војна ние ги сервисиравме долговите. Точно е дека првичниот рок не го запазивме, но со мало задоцнување сè беше подмирено. Чудно е тоа што во ниеден момент не ни напишаа „Ако не платите до тогаш, нема да играте“. Јас уште во првата година им потпишав дека ги преземаме долговите од „стариот„ Вардар. Кога мислевме дека ги исплативме 2,6 милиони евра, се појавија некои долгови кон двајца поранешни играчи. Но, за такво нешто немаме никакви сознанија, ниту има одлука на арбитража – посочи Михајловски.
Првиот човек на РК Вардар 1961 не планира да ја тужи ЕХФ, без оглед што смета дека клубот неправилно е исфрлен од Лигата на шампионите.