Заев тврди дека не прави нов договор со Бугарија и дека не ја прифаќа декларацијата на бугарскиот парламент
Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија, вели Заев.
Премиерот Зоран Заев, во одговор на новинарски прашања за обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори со Бугарија, и дали опозицијата е запознаена со разговорите, изјави дека не се преговара за нов договор со Бугарија, туку се бараат формулации за преговарачката рамка со ЕУ. Повтори дека не се преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
– Ние немаме преговори, ниту пак правиме нов договор со Бугарија, се бараат формулации за делот на преговарачката рамка што ја носи Европскиот совет, значи одлуката е таму, не се одлучува нешто во Бугарија или во Северна Македонија – рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на првиот дел од експресниот пат Штип – Радовиш.
Според него, неодговорните статуси на Фејсбук од страна на опозицијата и коментарите во јавноста, не и носат добро на државата, потенцирајќи дека државата мора да чекори напред и да наоѓа решенија.
– Сме кажале дека е заедничка грижата за нашиот јазик и нашиот идентитет. Португалскиот предлог го имаат и опозициските партии, тоа сум сигурен и знам дека е така, драго ми е што не излегуваат детално да го коментираат, затоа што може да се нанесе штета, затоа што се уште се разговара за предлогот, но дефинитивно јас ве уверувам дека нема нешто кое што би го загрозило нашиот интерес, односно може само да ја гарантира нашата европска иднина. За други дебати секогаш сум на располагање, а штом ќе заврши оваа фаза на разговори јас стојам на располагање да излезам на дебати со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ – рече Заев.
Во однос дали ја прифаќаме декларацијата на бугарското Собрание, со одговор дека не ја прифаќаме, повторувајќи дека португалскиот предлог води грижа и внимание и за двете страни и оти се надева на можно решение, без, како што рече, да ги подгрева очекувањата, бидејќи Бугарија има се уште техничка Влада.