Заев токми друга функција за Мухамед Зеќири откако го извиси за фотелјата во Фондот за здравство
Мухамед Зеќири е планиран за друга позиција. Тој е потпретседател на СДСМ, помина еден мандат во Собранието. Сега ќе преземе обврска во извршната власт – вели за Плусинфо функционер од СДСМ.
Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, сепак нема да остане без фотелја, бидејќи премиерот Зоран Заев токми функција за него во извршната власт, брифира за Плусинфо висок функционер на СДСМ.
Зеќири се споменуваше дека ќе биде новиот директор на Фондот за здравство, но извиси откако за таа функција вчера Владата го предложи Стево Крстевски.
– Мухамед Зеќири е планиран за друга позиција. Тој е потпретседател на СДСМ, помина еден мандат во Собранието. Сега ќе преземе обврска во извршната власт – вели за Плусинфо функционер од СДСМ.
Сепак, засега не се открива за која функција ќе биде предложен Зеќири и зошто отпадна од комбинацијата да директорува со Фондот за здравствено осигурување.
Тој неодамна во пакет со Игор Дурловски од ВМРО-ДПМНЕ, Сања Лукаревска од СДСМ и Бајрам Реџепи од ДУИ, поднесе оставка од пратеничката функција, а Собранието ја констатираше оставката.
Владиниот портпарол Душко Арсовски на прашање за последните кадровски одлуки на Владата и зошто Мухамед Зеќири не е именуван за в.д. директор на Фондот за здравствено осигурување, рече дека сите имиња што циркулираат во јавноста ги сметаат на некој начин за шпекулација, бидејќи не биле разгледувани на седница на Влада.
– Тоа што како имиња произлегуваат ние ги соопштуваме. Дали писмено, дали преку оваа прес-конференција, така и во случајот за функционерот за кој споменавте во Фондот за здравство. За дополнителни имиња немам информација. Со секоја наредна седница има простор за кадровски прашања. И во таа насока и благовремено и ќе информираме – рече Арсовски.