ЗАЕВ СО ПАРИ ДОБИЕНИ ОД ДАКА ГО ИНЖЕНИРАЛ РЕФЕРЕНДУМОТ? Прорускиот бизнисмен сè уште влече конци во СДСМ

Екс-лидерот на СДСМ ги искористил парите од контроверзниот бизнисмен Дака за инженеринг на референдумот за името, обвинува ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ги аудоснимките од 2020 година на кои Дака зборува за Заев. ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека владата нема да дозволи бизнисмен кој е на црната листа на САД да инвестира во енергетски објекти во Македонија.

833

Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев ги искористил 300.000 евра од  контроверзниот бизнисмен Дака за инженеринг на референдум за името, обвинува ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на снимка на која Дака зборува за Заев. Прорускиот бизнисмен Дака беше ставен на црната листа на САД оради сомнежи за корупција и злоупотреба на влијание на Балканот, вклучително и Македонија, велат од партијата.

„На снимките се слуша Дака како вели дека на Заев му дал 300 илјади евра и 2.000 квадрати земјиште, за возврат да добие контра услуга. Понатаму во снимката, Дака вели дека Заев овие пари ги искористил за инженеринг на референдумот за името“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






Партијата обвинува дека на истата аудиоснимка на која Дака разговара со главниот посредник во случајот, Зоран Милески Кичеец, освен името на Заев се слуша и името на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар на владата на СДСМ предводена од Зоран Заев.

Ова, тврди ВМРО-ДПМНЕ значи дека тогашната власт на СДСМ многу добро била поврзана со контроверзниот проруски бизнисмен Дака, па дури и го рекетирале за да можат да спроведат инженеринг на референдумот за името.

„Како добри познавачи на контроверзниот проруски бизнисмен Дака, на неговите бизниси и фирми, можеби затоа што постои веројатност нивниот шеф Заев со нив да соработувал и заработувал, им благодариме на СДСM што укажаа дека фирмата ‘Хронос Сум’ била во негова сопственост“.

ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека „бидејќи ништо не е ‘како до сега’ како во време на власта на СДСМ и Заев, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе сите правни механизми и ќе ги искористи сите законски можности оваа фирма, во сопственост на Дака, да не гради и инвестира во енергетски објекти и покрај тоа што ги исполнила условите“.

СДСМ знаат кои сè фирми се поврзани со Дака и како се викаат фирмите во негова сопственост, се вели во соопштението.

„Тоа е така затоа што човекот со контроверзно минато бил бизнис партнер на нивниот претседател во сенка, Зоран Заев, кој сè уште ги влече конците во СДСМ и управува со Венко Филипче“, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, македонската јавност за постоењето на Давидовиќ – Дака дозна во времето на власта на Зоран Заев во 2020 година, кога на социјалните мрежи излегоа аудиоснимки за тоа како токму Заев зел пари за да се види со него и да направат некаков бизнис.

Поврзани содржини