ЗАЕВ СО НОВАТА КАМПАЊА ПОРАЧА ДЕКА КОРУМПИРАНИТЕ ЌЕ ЗАВРШАТ ВО ЗАТВОР Сега сѐ е јавно, корупцијата не се исплати
Заев потенцира дека кампањата е за да се даде гласност и видливост за соработка на сите институции за борба протиув корупцијата и да се мобилизира граѓаните да пријавуваат корупција.
Преку промоција на три спота во кои симболично преку мегафони кои треба да ја претстават транспарентноста, Владата ја почна кампањата „Сега сè е јавно, корупцијата не се исплати“. Акцентот во кампањата за борбата против корупцијата е ставен како на институциите, така и на граѓаните, кои треба поактивно да се вклучат во препознавање и пријавување на корупција.
Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски најавија дека наскоро ќе почне и јавна дебата за законот за конфискација на имот, кој ќе бидат опфатени сите граѓани, но детали од драфт верзијата засега не се откриваат.
Заев потенцира дека кампањата е за да се даде гласност и видливост за соработка на сите институции за борба против корупцијата и да се мобилизираат граѓаните да пријавуваат корупција.
– Целта на кампањата е да се мобилизираат граѓаните и администрацијата во обезбедување на заштитни механизми и отпор кон корупцијата. Кампањата ќе се промовира преку видео и аудио продукција, различни Пи-Ар активности, а како канали за комуникација земени се дигитални платформи и посебна интерактивна веб-страница. При креирањето на кампањата се земени сите елементи за креирање на главните пораки. Кампањата има за цел да покаже дека и граѓаните и институциите се на иста страна во борбата против корупција, на корупцијата мора да ѝ ставиме крај – рече Заев.
Според Заев, сите феномени на корупција и поткуп се една од најподмолните закани за општеството. Институциите мора да ги препознаат, спречат и да ги казнат. Тој на граѓаните им порача дека сега сè е јавно и да пријават корупција, бидејќи тие се неприкосновениот владетел. На функционери на државно и локално ниво премиерот им порача дека корупцијата не се исплатува и дека сите кои се корумпирани ќе завршат во затвор.
Вицепремиерот Николовски рече дека со кампањата испраќаат порака дека Владата максимално е одлучна да биде транспарентна за буквално секој граѓанин да гледа како функционира системот и да ги детектира слабостите.
– Преку ваква едукативна и интегрирана кампања ќе се подигне свеста дека сега сè е јавно и дека можат да се видат сите јавни набавки. Граѓаните мора да ги бараат и да ги бранат своите права, а институциите мора тоа да го почитуваат. Ова е борба во која секој поединец е важен – рече Николовски
Тој додаде дека носечка комуникациска основа се три спотови кои ја претставуваат корупцијата, преку закана од влијателна личност или директен поткуп. Дека со јавноста и со транспарентноста ништо од ова не смее да се дозволи во општеството.
– Мегафонот е симбол кој го покажува и го зајакнува гласот, односно обидот за корупција да биде ризичен поради гласноста на сите процеси и секој обид за корупција граѓаните сега го слушаат-вели Николовски.
Тој рече дека на кампањата и претходеле опсежни и длабински анализи и проценето е дека постои потреба од ваков тип на комуникација со граѓаните.
– Мора да се подигне свеста на граѓаните за препознавање и да ги охрабриме да ја пријавуваат корупцијата. Имаме силна поддршка со експертиза и од наши странски соработници и во кампањата ќе биде вклучена и консултантска поддршка од нивна страна – рече Николовски.
Во следните 15 дена, како што најави Николовски, ќе биде промовиран и централизираниот систем за пријавување корупција и следење на сите предмети во рамки на институциите, креиран со поддршка на УСАИД.