Заев се пофали дека пикнал в затвор повеќе од пет високи политичари
Многу екс министри кои биле луѓе блиски на оваа власт, ги отслужуваат своите казни или се на суд, додаде премиерот во интервју во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“.
Премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ вчера се пофали дека повеќе од пет високи политичари се во затвор и ги отслужуваат своите казни. Тој рече дека Владата го прифаќа извештајот на „Транспаренси интернешенел“ како поттик за да оди чекор по чекор според неговите насоки.
Заев нагласи дека владеењето на правото и еднаквоста пред законите важи за сите без исклучок и додаде дека Владата постојано ги следи укажувањата и препораките на независните антикорупциски тела.
– Имаме повеќе од пет високи политичари кои се во затвор со конечна одлука од Основен и Апелациски суд и кои веќе ги отслужуваат своите казни. Ова е голем успех во споредба со периодот од пред четири години и тоа е многу очигледно. Секој граѓанин може да го следи трошењето на државните пари, сите процедури за набавка се јавни пред да се потпишат и да отпочнат. Сега во главниот фокус ни е дигитализацијата, бидејќи преку неа сакаме да го промениме субјективното однесување на јавната администрација – посочи Заев.
На новинарско прашање, премиерот Заев информираше дека и понатаму се истражуваат сите легални начини како поранешниот премиер Груевски да биде вратен назад, со цел да ја отслужи казната изречена од судот.
– Сакам да истакнам дека и многу екс министри кои биле луѓе блиски на оваа власт, ги отслужуваат своите казни или се на суд. Имаме многу случаи кои потврдуваат дека владеењето на правото е еднакво за сите. Во нашата земја секој коментар може да покрене истрага. Антикорупциската комисија има комплетна независност и тоа е потврдено во сите извештаи. Имаме целосна независност и на судските органи и на органите на прогонот. Побаравме одговорност и од судиите и 12 судии се отповикани поради лошо работење во нивниот мандат – потенцира Заев.