ЗАЕВ СЕ ЈАВИ ВО ОДБРАНА, ДАЛИ СТАНУВА КЛАУСТРОФОБИЧЕН? Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија на екс-лидерот на СДСМ
Претходно eкс-лидерот на СДСМ објави дека доколку не добие извинување ќе ги тужи ВМРО-ДПМНЕ и Бране Петрушевски, кои, како што вели 5 години изнесува клевети против него во врска со заплената на канабис, во врска со наводите дека се јавувал во царина, во врска со наводните 40-катници во Дубаи и во врска со болницата на д-р Жан Митрев.
Заев се јави во одбрана на својот криминал, дали станува се повеќе клаустрофобичен?, прашува ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ја објавата на екс-лидерот на СДСМ Зоран Заев кој најави тужби за ВМРО-ДПМНЕ и за пратеникот Бране Петрушевски во врска со наводите дека над две третини од запленетата дрога во големата полициска акција биле од фирма блиска на Заев и на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа:
„Негови први пријатели на кои им даваше тој заедно со Венко Филипче лиценци за одгледување на марихуана за медицински цели, гледаме деновиве дека тие за тоа не го користеле канабисот туку за нелегална продажба на нелегален продукт – дрога. Над 20 тони дрога беа изнесени само од фирмата ‘ЦБД Медплант’ во сопственост на Христијан Котев, син на Тони Котев, претседател на ОО Ново Село во времето на Заев. Заев и Венко им дадоа лиценци на овие луѓе, а гледаме како заврши истото“.
Претходно Заев објави дека ВМРО-ДПМНЕ изнесува клевети против него.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди.
Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање.
Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.
А без никаков срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции.
Трпам секојдневни навреди веќе пет години. Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста!
Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, вели Заев во реакцијата.