Заев призна дека во белешката на АНБ за Камчев немало бугарски агенти и следење, туку имало други „индиции и докази“
За наводите дека со притвореникот Камчев се постапувало нехумано и деградирачки, што ги потврди и Народниот правобранител, Заев обвини „еден портал“ кој, според него, ширел лажни вести.
Во вечарашниот настап на емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, премиерот Заев соопшти некои детаљи за службената белешка на АНБ, врз основа на која на бизнисменот Орце Камчев му беше изречена мерката притвор во траење од 30 дена. Тој документ Заев го видел неколку часа по апсењето на Камчев и читајќи го, се убедил дека во него има „идниции и докази“.
– Не бил следен, не се работи за следење. И тоа агенти, Бугарија… Не е точно, нема таква работа. Има причини дома. Не смееме да зборуваме. Има неколку причини поради кои кај нив се пробудил инстинктот да напишат и да пријават – изјави на Заев, објаснувајќи што видел во доверливиот документ на АНБ.
Како што е познато, до сега медиумите блиски до власта тврдеа дека во белешката на АНБ се спомнувале средби на Камчев со бугарски тајни агенти, еден месец пред неговото апсење. По ова, реагираше бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој овие тврдења ги нарече „глупости на директорот на АНБ Виктор Димовски“. На општо изненадување, Заев вечерва потврди дека во спорниот документ не се спомнувале никакви бугарски агенти, но не прецизираше за какви „домашни причини“ станува збор.
Заев зборуваше и за наводите дека Камчев во притворот е подложен на тортура и рече дека го видел и извештајот на Народниот правобранител.
– Секој што влегува во притвор, кој и да е, оди десет дена во изолација. Кога поминале десетте дена, однесен е во подобра соба. Има подобри и полоши соби. Во такви околности, директорот постапил како со секој граѓанин – рече Заев.
Премиерот нагласи дека го прочитал и извештајот на Народниот правобранител и обвини „еден портал“, за замајување на јавноста и за ширење фингирани и лажни вести. Заев рече дека Народниот право бранител не спомнал тортура, туку само полоши услови во затворот.
Да потсетиме. Во извештајот на Народниот правобранител за посетата на притвореникот Камчев се вели: „Народниот правобранител при посетата изврши увид и на просторијата во која што притвореното лице било сместено во првите десет дена од издржувањето на мерката притвор и беспоговорно констатира дека сместувањето во таква просторија го смета за нехуман и деградирачки третман врз задржано лице“.
Во Извештајот на Народниот правобранител јасно пишува и тоа дека Зибери побарал ќелијата во која бил сместен Камчев, како и неколку други простории во затворот, веднаш да бидат реновирани, а во меѓувреме да бидат затворени и да не се употребуваат за сместување на притворени лица.