Заев: Предлозите за избори во август или септември се предлози да нема избори
Според него, договор за датумот на изборите теоретски може да се постигне до истекот на вонредната состојба на 30 мај бидејќи изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
Секое одолжување на изборите е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на демократијата. Лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за МКД.мк.
– Затоа велиме изборите се решение, а не проблем. Тоа е одговорно, токму заради здравјето на граѓаните, заради развој на новата македонска економија, но и за заштита на демократијата преку соодветна контрола на Владата. Тоа може да се постигне само ако обезбедиме функционални демократски институции.Ние не сме како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да посакуваме избори без опозиција, нашиот демократски капацитет е многу поголем. Затоа учествувавме на лидерските средби и затоа бевме конструктивни на овие средби. Сакаме да се постигне договор, но нема да дозволиме да ѝ се нанесе штета на државата, нема да дозволиме да му се нанесе штета на здравјето на луѓето, ниту пак да влеземе во нова, уставна криза – вели Заев.
Според него, договор за датумот на изборите теоретски може да се постигне до истекот на вонредната состојба на 30 мај бидејќи изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
– Предлозите за избори на крајот на август или почетокот на септември, всушност се предлог воопшто да нема избори. Не постои ниту здравствен, ниту политички авторитет што може да тврди и да гарантира дека тогаш ќе нема ниту еден заболен случај. Наша одговорност е да им се спротивставиме на обидите да се предизвика политичка криза. Не смее никој од нас ниту да проба, а камоли да придонесе да се загрози здравјето на нашиот народ, земјата да се соочи со уставна криза, со ќор-сокак, во кој би заглавиле сите процеси и активности што значат заштита на здравјето на граѓаните, спас на работните места, помош во нивниот домашен буџет – вели Заев.