Заев повика од утре на масовна солидарна акција за расчистување на „Глобал“
Тој упати апел и за солидарна акција со финансиско помагање со сите можни аспекти кои ни стојат на располагање, пред се како држава, Влада, секако како општина, но и како граѓани во духот на солидарноста, рече премиерот, додавајќи дека е убеден оти многу брзо ќе го вратат „Глобал“ во нормала и сите граѓани кои имаат уништено имот ќе им го вратат во првобитната состојба.
Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Општина Струмица Коста Јаневски денеска извршија увид во трговскиот центар „Глобал“ каде синоќа во доцните часови изби голем пожар.
Премиерот истакна дека материјалните штети се огромни и оти нанесени се непоправливи економски штети на деловните субјекти кои работат таму.
– Добро е што нема повредени, нема изгубено човечки животи и тоа е најважно, се друго се надоместува – рече Заев, кој упати благодарност до Територијалната противпожарна едницица во Струмица која со шест возила и со 38 луѓе го гаснеше пожарот.
– Уште од утре организираме масовна солидарна акција и за расчистување и возобновување на „Глобал“ и солидарна акција со финансиско помагање со сите можни аспекти кои ни стојат на располагање, пред се како држава, Влада, секако како општина, но и како граѓани во духот на солидарноста – потенцира Заев, додавајќи дека е убеден оти многу брзо ќе го вратат „Глобал“ во нормала и сите граѓани кои имаат уништено имот ќе им го вратат во првобитната состојба.
Тој упати апел до деловните луѓе кои имаат свои ресурси на располагање уште денеска да ги прават плановите да го расчистат теренот, но откако за тоа ќе дадат согласност јавниот обвинител и МВР, бидејќи внатре е се уште забрането влегување.
Градоначалникот Јаневски рече дека е среќна околност што нема човечки жртви и вети оти се што е материјална штета со поддршка на централната власт ќе надоместат.
– Се сретнавме предмалку со здружението на субјектите кои работат во „Глобал“. Тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на изнаоѓање на причините за оваа несреќа, проценка на евентуалните штети и ќе почнеме со соработка со организацијата, за она што се вика помош за секој од нив — рече Јаневски, кој се заблагодари на противпожарната единица Струмица за нивната професионалност, како и до општините кои покажаа солидарност.