Заев: Помина кинеската Нова година, вакцините ќе пристигнат до крајот на неделава
Утрово и јас и министерот Бујар Османи пуштивме писма до кинеската амбасада со цел да ја убрзаме работата, рече премиерот.
Да знаат граѓаните дека во земјава ќе пристигнат вакцини од буквално сите производители, а најбрза ќе биде кинеската вакцина, рече премиерот Зоран Заев.
– Склучуваме договори со сите производители и очекуваме час поскоро да пристигнат во државава. До крајот на февруари ги очекуваме кинеските вакцини, а веќе помина и кинеската Нова година. Утрово и јас и министерот Бујар Османи пуштивме писма до кинеската амбасада со цел да ја убрзаме работата. Верувам дека до крајот на оваа недела ќе пристигнат кинеските вакцини, а за руската вакцина сè уште не можам да кажам точен датум – истакна премиерот.
Вчера му дадов насоки на министерот за здравство Венко Филипче, додаде тој, да започне постапка за набавка на 100.000 вакцини „Спутник 5“.
– Процесот веднаш започна и премногу му благодарам на рускиот амбасадор во земјава, кој ни помага и асистира – рече премиерот Зоран Заев.