Заев: Платформата за онлајн учење е едноставна за користење, ќе ја засакаат и наставниците и учениците
Програмата нуди учење на пет јазици - освен на македонски, прилагодена е за држење настава на албански, турски, српски и бошњачки јазик, рече премиерот Зоран Заев.
Пандемијата ни покажа дека како држава треба многу да научиме за планирањето на инвестициите во образованието. Пандемијата ни ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем кој е во добра кондиција и дека треба посветено да работиме на неговата дигитализација и напредок, истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која се промовираше Наиционалната платформа за онлајн учење.
– Горди сме што за првпат создадовме единствена Национална платформа за онлајн учење, што ја креиравме со домашни ресурси и експерти. Ова нè охрабрува, бидејќи таа е едноставна за користење и убеден сум дека ќе ја засакаат и учениците и наставниците. Програмата нуди учење на пет јазици – освен на македонски, прилагодена е за држење настава на албански, турски, српски и бошњачки јазик. Со ова ги потврдуваме цврстите заложби на Владата за негување на соживотот и еднаквоста во нашето општество. Голем е предизвикот да се започне учебната година на ваков начин. Ова искуство ни е важно затоа што ќе ни укаже како треба во иднина навреме да ги планираме инвестициите во образованието. Подготвеноста на институциите е сам по себе доказ за силна посветеност кон долгорочните цели. Затоа, ние како Влада и јас како премиер ја даваме безрезервната поддршка за имплементација на овој процес. Сакам да ги повикам родителите да бидат партнери на наставниците како важна алатка во пренесувањето на знаењето на учениците. Почитувани наставници, вие сте клучни за подготвувањето нови генерации и искрено ви симнувам капа. Државата ќе продолжи да го вреднува вашиот труд и квалитет. Верувам дека оваа платформа ќе ви користи и дополнително, а воедно ќе ги зајакне капацитетите на нашиот образовен систем – рече Заев.
Тој им упати порака и на учениците.
– Драги деца, истражувајте ги новите можности. Иднината е во дигитализацијата. Натаму се движи светот и нашата држава е на тој пат. Зграпчете ги сите можности, бидејќи доброто образование гради слободни граѓани и ја зацврстува слободата – истакна премиерот.