Премиерот Зоран Заев денеска на Фејсбук напиша дека наскоро ќе започне реализацијата на четвртиот пакет економски мерки кој опфаќа директна помош за економијата и за граѓаните.
– Ги опфаќаме најсиромашните, за да ја зголемиме нивната потрошувачката моќ, но и на компаниите за да даваат плати. Ќе продолжи и помошта за платите во најпогодените сектори. Ќе има стимулативни мерки и за враќање на отпуштени работници во време на кризата, затоа што сакаме тие што се отпуштени да се вратат на работа, особено кога има недостиг на квалификувана работна сила – напиша Заев.
Во статусот е наведено дека платежни картички ќе добијат пензионерите со пензии под 15.000 денари, голем дел од пасивните баратели на работа и самохраните родители, а се прават и проценки стечајните работници кои добиваат надоместок од 8.000 денари, да добијат уште еден вид на помош.
Заев најавува и засилено финансирање на капиталните инвестиции во чија реализација ќе бидат ангажирани домашните компании.
– Активно работиме на процесот на гасификација, се заокружува примарниот прстен на гасоводна мрежа во државата и наскоро ќе бараме концесионер кој ќе доставува гас до домаќинствата и фабриките. Започнува проектот „Чебрен“, во вредност меѓу 600 и 800 милиони евра. Треба да започне реализацијата на Клиничкиот центар во Скопје во вредност од над 500 милиони евра – напиша Заев.