Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш презентираше делови од нон-пејперот со Бугарија, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на опозицијата поврзани со разговорите со Софија. Премиерот оцени дека опозоцијата во земјава во многу аспекти е неразумна, и нагласи дека за идентитетот и за името не се преговара што било потврдено повеќе пати и од страна на Бугарија.
– Опозицијата во многу аспекти е неразумна. Ја гледам овие денови колку е неразумна. Прво беше да не го продадеме идентитетот, јазикот и слично. Сега е зошто не сме се договориле со Бугарија. Оваа неразумност нема свои крај. Уште еднаш транспаретно потврдувам дека се работи за нон-пејпер, документ за размена на идеи – рече Заев.
Досега, според него, се правени десетина пати вакви документи.
– Внатре содржи што значи долгото, што значи краткото име на државата. Транспаретно ги кажувам сите работи…дека краткото име не предизвикува територијални претензии спрема Бугарија и дека нема никакви аспирации за други територии надвор од политичкиот субјект Република Северна Македонија. Немаме територијални претензии према никој од соседите.Дополнително делегираме второто право на заштита македонското небо на Бугарија. Третиот дел е дека нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија или на која било од земјите, вклучително и со малцинските права затоа што тоа е меѓународно регулирано. Како ќе се справиме со омразата што се создаде од двете страни – рече Заев, додавајќи дека се посочени идеи и примери за тоа
Потоа нон-пејперот содржи и тоа како би се усвоил Акцискиот план на меѓувладина конференции, од областа на спортот, младите, на здравството, на културата, на образованието, на инфраструктурата, итн, итн.
-Тоа се тие идеи за коишто сме разговарале и ќе продолжиме да разговораме веројатно во периодот што претстои. Наша намера е да продолжиме да разговараме со Бугарија. Секогаш ќе ги користиме сите можности и механизми за разговор за вака непријатен проблем што се случи пред нашата земја. Некои викаат треба да ја оставиме историјата на историчарите, јас целосно се согласувам историјата на историчарите, политиката на политичарите, но истовремено е важно што правиме со сегашноста, што правиме со иднината. Таа историја што денеска ја пишуваме кој е одговорен, кој е за неа одговорен, тоа се политичарите. Затоа продолжуваме насочено, јас, премиерот Борисов, министерот Османи, министерката Захариева, Димитров, Каракачанов, и сите што сме вклучени да бараме решение, пред се, создавајќи пријателски пријатни услови за кога тоа да се случи, ако е возможно час поскоро да се случи – рече премиерот Заев.
Според него, секое одлагање на решението е навистина испишување и на сегашност и на иднината и за Република Бугарија и за Сверна Македонија, и за македонскиот народ и за бугарскиот народ.
– А дека сме македонски народ и дека нашиот јазик е македонски јазик никаде не е спорно и за тоа не се преговара. Впрочем и бугарската страна тоа го потврдува многу често и многу јавно. А историјата се согласувам треба да ја оставиме на историчарите – повтори Заев.