Заев: Опозицијата протестира со 13 возила и со 14 луѓе, се плашат дека ќе направиме исчекор во преговорите со ЕУ
Опозицијата излегува на протести со 13 возила и со 14 луѓе, а тоа е навистина порака којашто никако не можам да ја разберам, истакна премиерот.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегува на протести со 13 возила и со 14 луѓе, а тоа јас не можам никако да го разберам. Веројатно опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се исплашил дека ние сега можеме да направиме исчекор кон ЕУ и нашите интеграции, рече премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги протестите кои започнаа денеска, а кои ги предводи најголемата опозициска партија во земјава.
– Со Бугарија се разговара само за патоказот и се разговара на секторско ниво. Сето друго се разговара под раководство на португалското претседателство. Опозицијата излегува на протести со 13 возила и со 14 луѓе, а тоа е навистина порака којашто никако не можам да ја разберам. Веројатно Мицкоски чувствува страв дека можеме ние да направиме исчекор кон ЕУ и нашите интеграции. Не е ништо ново, последните 4 години, освен блокади и кочници, ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо друго. Секој со својата одговорност, а од тие сценарија на Мицкоски, ниту едно не е прифатливо за македонската јавност – рече Заев.
На прашањето како ќе ги искоментира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека во предметите Талир 1 и Талир 2 има поротник судија кој треба да биде во пензија, Заев рече дека првпат слуша за такво нешто.
– Поротник е во судот, а судот нема никаква врска со Владата. Станува збор за предметите Талир 1 и Талир 2, а јас како што знам, ако се смени поротник, предметот се враќа на почеток. Некој очигледно сака повторно да влијае врз правниот систем, па предметот никогаш да не се заврши. Дефинитивно немам коментар, бидејќи ова не е моја работа. Од опозицијата нека се обратат кај соодветниот суд и таму ќе им ги соопштат деталите околу ваквиот случај. Јас првпат слушам за целата оваа работа – рече Заев.