Заев одбива јавно да зборува со Мицкоски за преговорите со Бугарија
Не се откриваат детали од средбата помеѓу Пендаровски и Мицкоски, нашите извори само велат дека станува збор за работна средба на која претседателот изворно го информирал опозицискиот лидер за разговорите со Радев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во Вила Водно изворно се информирал од шефот на државата Стево Пендаровски за тоа што било разговарано со бугарскиот претседател Румен Радев при заедничкото патување и посетата на Рим. Од друга страна, висок функционер од Владата за Плусинфо брифира дека премиерот Зоран Заев нема намера да го прифати повикот на Мицкоски за ТВ соочување за пред граѓаните да се открие што точно преговара власта со Бугарија.
Не се откриваат детали од средбата помеѓу Пендаровски и Мицкоски, нашите извори само велат дека станува збор за работна средба на која претседателот изворно го информирал опозицискиот лидер за разговорите со Радев.
За време на посетата на шефот на државата на Рим, Мицкоски изјави дека очекува од Пендаровски кога ќе се врати, во духот на добрите односи прокламирани на последната средба, да го повика и да го информира за што разговарал со Радев и на што се должи оптимизмот.
– Ако оптимизмот се должи на дополнителни национални отстапки, тогаш пораката до Пендаровски и Заев е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ниту една национална отстапка на грбот на македонскиот народ – изјави тогаш Мицкоски.
Дали лидерот на најголемата опозициска партија е задоволен од состанокот со Пендаровски засега нема информации, ниту пак, тој јавно се изјасни.
И додека Пендаровски си ја исполни „обврската“ за битни и теми од национален интерес да разговара и да ги сподели со Мицкоски, опозицискиот лидер, барем според информации на Плусинфо, ќе го нема задоволството за ТВ дуел со премиерот Заев.
Висок владин функционер само брифира дека „Заев нема никаква потреба да излегува со Мицкоски на ТВ дуел за разговорите со Бугарија“.
Мицкоски во гостување на телевизијата Сител го покани Заев на ТВ дуел и тој да избере на која сака телевизија и кога сака.
– Бидејќи ние не знаеме за што се преговара и до каде се тие преговори и дали воопшто нешто се преговара, сакам јавно од тука да упатам една покана до Зоран Заев бидејќи граѓаните заслужуваат да знаат. Било која телевизија еве нека организира едно соочување, за да можеме јас и тој да разговараме за тоа што се преговара. Каков е тој роуд-мап, кои се тие услови, а кои не биле поврзани со идентитетот. Но, и за други теми треба да разговараме пред граѓаните. Така што како предлог еве во вашата емисија сакам да го повикам Зоран Заев и да разговараме за актуелните теми, а вклучително и за актуелната тема која што претстои а тоа е Самитот на ЕУ – изјави Мицкоски на Сител телевизија.
Тој ја повика Европската Унија на самитот на 21 јуни да одобри прва меѓувладина конференција, бидејќи, како што рече, македонската нација и држава изминатиот период покажаа карактер и европски вредности и тоа го заслужуваат.
– Зоран Заев изминатите години покажа како не треба да се водат преговорите, поради тоа што во сите процеси кои што беа започнати, единствена страна со претрпена штета е Република Македонија и нејзините граѓани. Националниот идентитет е клекнат на колена само поради тоа што Заев ги стави на распродажба државата и нејзината историја. Сите знаеме дека Зоран Заев е спремен сѐ да потпише со Република Бугарија само да се додвори пак со раката на срце, но овој пат не знаеме што и дали ќе прифати другата страна – рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи никаква дополнителна измена или отстапка во преговорите со Бугарија.