Заев: Од министрите очекувам работливост и морална одговорност

Во новата влада, наместо 26, како досега, ќе има 19 министри или седум помалку.

531

Лидерот на СДСМ и иден премиер Зоран Заев побарал од новите министри да работат и повеќе од осум часа, како и да бидат целосно фокусирани на работата и да преземат морална одговорност.

– Првата работа што ја кажав вечерва и ја побарав од новите министри е работливост. Би почитувал работа и повеќе од осум часа. Очекувам комплетна фокусираност зашто нѐ чека неповторлив период. Втората работа е чесноста и одговорноста – истакна синоќа Заев кој по седницата на Централниот одбор ги соопшти кадровските решенија кои ќе бидат дел од новата влада.






– Секој што ќе се огреши пред законот, дали е Заев, некој познат или непознат, експерт или не, ќе одговара, но тоа не е доволно. Битен е и етичкиот однос. Очекувам од кадрите да преземат одговорност секогаш. Тоа е пораката – да внимаваат како работат. Можеби да, по закон, но не доволно етички. Овие два принципа мора да бидат комплетно испочитувани. Така се водиме и во формирањето на институциите – потенцира Заев.

Во новата влада, наместо 26, како досега, ќе има 19 министри или седум помалку.

Министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска, а за правда Бојан Маричиќ. Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерството за образование и наука, а досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата. Министерот за локална самоуправа ќе биде соопштен дополнително.

Заев нагласи дека се работи за професионални, одговорни, отчетни и посветени кадри кои во новиот, полн, четиригодишен мандат целосно ќе ги реализираат програмата и принципите.

Од 19 министри, СДСМ на свој предлог има 11 од кои осум се со ресор, плус тројца потпретседатели на Владата кои се предлагаат како министри без ресор.

Од осумте министри со ресор, четири се жени, а четворица мажи со што, нагласи Заев, се испраќа пораката за еднаквост помеѓу мажите и жените во земјава.

Тој потврди дека на БЕСА ѝ е даден ресорот земјоделство, додека со локална самоуправа ќе раководи ЛДП.

Приоритети на новата влада, рече Заев, ќе бидат економијата, судските реформи, капиталните инфраструктурни проекти, животната средина и вложувањата во здравството. Продолжува имплементацијата на договорите со Грција и Преспа, како и Охридскиот рамковен договор.

Според него, СДСМ на Централниот одбор констатира дека победија исправните и принципиелни политики кои земјата ја водат напред.

– Имавме доволно големина и јас и Ахмети, и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам Владата четири години, а последните сто дена премиер да биде предлог од ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивност, дијалог, респектирање на туѓо мислење базирано на аргументи и градење консензуална демократија, наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Пред нас се четири години домашни предизвици, ќе гледаме буквално пред очи како земјата ни се трансформира на подобро низ поглавјата, преговорите и европеизацијата, преку економскиот стандард и севкупниот квалитет на живот на граѓаните. Ова се четири години во кои како земја многу повеќе ќе добиеме отколку што ќе дадеме – истакна Заев.

Поврзани содржини