Заев: Од 1 јули ДДВ за струја 5 отсто, а ќе има и еколошка такса за нафта и деривати
Премиерот вели дека со еколошката такса на нафтата се праќа порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и помало нивно користење.
Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека ќе има еколошка такса за нафтата од 3,5 денари и намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти. Одлуките, како што изјави, допрва следуваат и се дел од програмата на Владата за екологија.
Со еколошката такса планирано е во Буџетот да се слеат 1,7 милијарди денари за едно полугодие или 3,3 милијарди денари за цела година. Средствата ќе бидат лоцирани во фондовите за инвестиции на обновливите извори на енергија.
И со воведувањето на оваа еколошка такса, како што изјави, остануваме меѓу земјите со најниски цени за нафтата и бензините.
– Еколошката такса од 3,5 денари на нафтата е со порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и помало нивно користење за да преминеме на користење на зелена енергија, односно да се движиме почесто со велосипед, тротинет и електрични возила затоа што тоа го прави цел свет. Преку една ваква еколошка такса, средствата ги лоцираме директно во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, но истовремено и за амортизација при либерализацијата на пазарот на струјата затоа што сакаме да ја подготвите С. Македонија и граѓаните за меко спуштање при целото пазарно пласирање на цената на струјата со конечна цел да нема покачување на цената на струјата оваа година – рече Заев.
Намалувањето на ДДВ на струјата се планира околу 1 јули и според премиерот тоа ќе важи до 1 јули 2022 година кога ДДВќе биде 10 проценти до 1 јули 2023 година и кога повторно ќе се врати на 18 проценти.
– Токму преку ваквите механизми овозможуваме социјална стабилност на граѓаните. Ќе ги развиеме сите социјални програми за во 2022, 2023 и 2024 година најсиромашните граѓани да бидат подготвени полесно да ги пребродат сите енергетски промени што ќе дојдат со транзицијата од јагленовите термоелектрани во зелените енергии како што се фотоволтациите и ветерниците – појасни Заев.
Премиерот нагласи дека земјава е влезена во сериозен процес на преминување на јагленовите термоелектрани во фотонапонски и гасни електрани.