Заев: Ништо не криеме, на маса е португалскиот предлог
Експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри, ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска, рече премиерот.
Несериозни се изјавите, особено од претседателот на најголемата опозициска партија, во врска со прашањето со Бугарија, кои може да предизвикаат само штетни последици и закочување на процесот на евроинтеграции на Северна Македонија, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој повтори и дека ништо не се крие и не се разговара поразлично и оти на маса е португалскиот предлог, и оти тоа за нас е добра основа да се најде решение за билатералното прашање со Софија.
– Апелирам за трезвеност затоа што илјада пати потврдивме, додека стоеше до мене потпретседателот на ЕУ Борел, или Тимерманс или претседателката Фон Дер Лајн или кој било од луѓето кои се лидери во ЕУ, вклучувајќи и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ, експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри, ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска – рече Заев.
Премиерот рече дека гаранциите се помеѓу двете земји и оти ЕУ во процесот на усогласување на преговарачката рамка, секогаш ја става имплементацијата на двата договори – Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, соработка и пријателство со Бугарија.
– Договорот за асоцијација и стабилизација што го имаме потпишано 2001 година, токму тој Договор ги дефинира добрососедските односи. И секаде соодветно е разместено. Навистина реков имаме инвентивен и креативен предлог од португалското претседателство што води сметка за двете страни, ги чува навистина важните работи за двете страни, а сепак нуди решение. Така што дефинитивно да оставиме овие неколку дена да финишираме, да се надеваме на исчекор – рече премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања пред акцијата на Град Скопје за чистење на поранешниот полигон за обука на возачи под Скопското Кале, по повод Светскиот ден на заштита на животната средина.