Заев: Ние сме Европа, повеќе од кога било
Со Договорот од Преспа на светот му се понуди еден нов Балкан, европски, кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет, рече премиерот.
Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денес, врз основа на нашето искуство од патот до Преспа и до Договорот со Грција, слободно можеме да го кажеме тоа со потполно право. Ние сме Европа, повеќе од кога било, порача вечерва во Охрид премиерот Зоран Заев на официјалното отворање на Првата меѓународна конференција во рамки на Преспа форумот за дијалог.
– Од денешна перспектива јас со полно право можам да кажам дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната. Оние кои беа проблем одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем. Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е невозможно. Ставивме крај на еден спор. Ставивме крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите – истакна Заев.
Со Договорот од Преспа, како што посочи премиерот на светот му се понуди еден нов Балкан, европски, кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет.
Заев, како бесценет го оцени моментот кога на 17 јуни пред три години тој и поранешниот грчки премиер Ципрас во Преспа им ја соопштиле добрата вест на сите народи.
Тој нагласи дека денес ги собираме плодовите од решениот спор, комплетирана е нашата лична карта во ОН, односите со Грција се исклучително добри, сериозно е подобрена билатералната соработка, има раст на економските инвестиции, бизнис соработка, а веќе имаме и одлуки за заеднички инвестиции во гасоводни проекти како тој во Александруполи.