Заев: Нема зијан од средбата Пендаровски-Мицкоски, секој има право да побара ново судење
На прашање за изјавата на Пендаровски во врска со осудените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година, Заев рече дека тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи.
Средбата на претседателот Стево Пендаровски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски може само да биде од корист, нема зијан од тоа, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Нека има дијалог, Од тоа нема зијан. Гледате, мојата средба со Мицкоски, а потоа и со Зијадин Села и со Африм Гаши даде делумни резултати. Го одложивме пописот, почна набавката на скенерите за отпечатоци, а за возврат очекуваме деблокада на работата на парламентот. Така, се донесе петтиот пакет антикризни мерки, иако и тогаш требаше да доаѓаат во Собранието пратеници во скафандери – рече Заев откако денеска се вакцинираше против ковид-19.
На прашање за изјавата на Пендаровски во врска со осудените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година, Заев рече дека тука не станува збор за ново помилување, туку дека секој има право да побара ново судење доколку има нови докази и аргументи.
– Во контакт сум со претседателот и тој кажува отворено, барем тоа со мене го има споделено, дека има став како и за сите други случаи. Секој има право да отвори постапка за повторување на судење, доколку има нови докази, нови аргументи, а Судскиот совет е надлежен да одлучи за тоа. Ако се случуваат непринципиелни работи надвор од вредностите во кои што живее и верува огромно мнозинство од нашиот народ, тогаш значи системот на казнување губи смисла. Така што, секако никако помилувања, никако амнестии во тој дел. Правото како и сите граѓани го имаат и тие кои се осудени за настаните од 27-ми април, ако има некои нови докази, ако има нови моменти. Секако како и сите и тие го имаат тоа право. Впрочем, и така го појаснува и претседателот на државата – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по денешната вакцинација против коронавирусот.