Заев нема пак да се тестира, Петровска немала контакт со пратениците, сите го чекаат Советот за безбедност

Бев на седницата пред пленарната, на таа попладнето не бев, затоа што претходно имав температура и веднаш штом почувствував дека не сум добра се повлеков во мојата канцеларија за кратко и веднаш излегов од Собрание, ни изјави Петровска.

953

Премиерот Зоран Заев нема повторно да се тестира на ковид-19, бидејќи како што изјави за Плусинфо немал контакт со неговиот советник за комуникации Марјан Забрчанец, кој вчера преку Фејсбук соопшти дека е позитивен на коронавирусот. Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска која вчера информира дека е позитивна, тврди дека ги почитувала мерките и дека немала контакт со пратениците.

Денеска сите се во очекување на состанокот на Советот за безбедност свикан од претседателот на државата Стево Пендаровски и одлуките кои ќе бидат донесени за сузбивање на пандемијата на коронавирусот.






Ден претходно и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е позитивен на ковид-19, така што речиси нема ден некој од Владата или од Собранието да не информира дека добил позитивен тест. Дали ова ќе влијае како натаму ќе работи Собранието и другите институции ќе биде појасно по состанокот на Советот за безбедност.

– Немав контакт со Марјан Забрчанец – ни пиша по порака премиерот Заев на прашањето дали повторно ќе се тестира.

Пратеничката Петровска вели дека била на седницата пред пленарната, но не и на попладневната седница.

– Бев, но на седницата пред пленарната, на таа попладнето не бев, затоа што претходно имав температура и веднаш штом почувствував дека не сум добра се повлеков во мојата канцеларија за кратко и веднаш излегов од Собрание. Директен контакт со пратеници или служба немав, носев маска Н95 постојано, а во мојата канцеларија сум сама – ни изјави Петровска.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски вели дека пратениците ги почитуваат мерките.

– Контакти нема. Сите ги почитуваат мерките. Носиме маски и секој е сам во канцеларија. Од пратеничката група засега нема пријавено дека некој се чувствува лoшо. Очекуваме Собранието да биде функционално. Парламентот сѐ уште нема потпретседатели, а нема пречка да ги избере. Не се формирани ниту делегациите за соработка со другите земји. Не е формиран ниту Националниот совет за евроинтеграции, кој е клучен за соработка во време на пандемија како и Мешовитиот комитет. Ги чекаме одлуките на Советот за безбедност, ќе видиме како понатаму – вели Мицевски.

Власта и опозицијата не можат да се договорат дали Собранието треба да работи онлајн, до стивнување на епидемијата со ковид-19. Власта го турка предлогот барем позитивните пратеници на седниците да се вклучуваат онлајн, додека опозицијата е на став дека за онлајн работа на Парламентот се потребни уставни измени и дека кога сите други вработени одат на работа, а децата во училиште тогаш и пратениците својата функција треба да ја извршуваат во собраниската зграда, а не од дома.

Поврзани содржини