Онака како што е поставена опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ние можеме да извлечеме мотивација за нови кавги меѓу Македонија и Бугарија, ако седнеме заедно. Ако сакаме да се скараме со Бугарија не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам да го направам, рече денеска премиерот Зоран Заев.
Тој во одговор на новинарско прашање, зошто е одбиено барањето на опозицијата за лидерска средба за консензус во врска со проблемите со Бугарија, рече и дека реториката на опозицијата во моментов не е од корист.
– Целта е да го градиме пријателствто и да изнаоѓаме решенија за да продолжиме како што двете земји имаат желба целиот Балкан да се интегрира во Европската унија. Но, дефинитивно реториката на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот лидер и раководството не е на помош на тоа што го работиме како земја, за да ја постигнеме нашата стратешка цел, а тоа е следниот чекор за евроинтеграцијата на Република Северна Македонија – рече премиерот по денешната седница на Советот за безбедност.
Заев повтори дека тоа што се разговараме со Бугарија е во рамките на Договорот за добрососедство, дека не прават нешто ново и дека сето тоа што го разговараат е обрска на двете страни.
– Разговараме во делот на брзата имплементација на Договорот за во иднина, во делот на решавањето кратко или долго име, во делот на она што претставува проблем за тоа што бугарската Влада тврди дека за неа е проблем и го расчитуваме низ раговори и договори – рече Заев.
Тој одговараше и на други новинарски прашања.
Нема да дозволиме тоа да влијае на однесувањето на сите граѓани во делот на извршување на работа, во делот на одговорноста во врска со заразата или информирањето дека некој бил во контакт со заразени луѓе, изјави Заев, прашан дали со кратењето од плата на лицата кои се болни или во изолација поради ковид- 19 ќе се поттикне криење на контактите.
Во однос на мерките за изолација, Заев по Советот за безбедност, посочи, дека министерката за труд и социјална политика дала објаснување како тоа се решава на ниво на државата.
– Владата расправаше по ова прашање. Нашиот закон и систем има решение. Тоа се решава директно преку Фондот за здравство за сите, а после тоа се знае кога плаќаат и приватните фирми поголем период од делот на лекувањето, односно останувањето дома од страна на граѓаните – изјави Заев.
Владата, посочи тој, разгледуваше можност за јавната администрација да биде 100 проценти платена, но тоа, како што рече, испраќа порака на нееднаквост, согласно законите во државата.
– За тоа, точно дефинирање може да ви даде министерката за труд и социјална политика. И секако, нема да дозволиме тоа да влијае на однесувањето на сите граѓани во делот на извршување на работа, во делот на одговорноста во врска со заразата или информирањето дека некој бил во контакт со заразени луѓе – изјави Заев.
Се оценуваше, посочи тој, за повеќе можни комбинации кои се на располагање.
– Но, се разгледуваше и практичната можност да се спроведат другите комбинации. Еден дел е законски решенија, кои што треба да се донесат, а на нас ни требаат брзи одлуки, затоа што од денеска луѓето треба да знаат што се случува со оваа работа. Останува да ги разгледуваме сите можности, ако има некакви неочекувани или непотребни импликации. Владата е подготвена секој ден да држи седници и носи одлуки, а верувам дека и Парламентот за вакви важни работи доколку е потребно законско решение, изјави Заев.
Важно е, нагласи тој, тоа да биде еднакво за сите.
Важно е да имаме еднаквост за сите, да не се дели јавната администрација, затоа што Владата може да донесе и поинаква одлука, од вработените во приватниот сектор, изјави Заев.