Заев не сака да губи од Ахмети, СДСМ се разбуди за пописот
Функционери од власта вчера ги сменија насловните страници на профилите на Фејсбук и сега и тие апелираат граѓаните да се попишат.
По критиките дека социјалдемократите подзаспаа во кампањата за попис на дијаспората, премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни Оливер Спасовски и други функционери вчера ги сменија насловните страници на Фејсбук профилите и сега и тие апелираат граѓаните да се попишат.
Пораката која ја упатуваат е: „Ти си повеќе од бројка, учествувај“.
За разлика од СДСМ чии министри и функционери до вчера речиси и да не водеа кампања за пописот, владиниот партнер ДУИ на чело со лидерот Али Ахмети интензивно преку видеа и објави на Фејсбук апелираа за масовно попишување на албанската дијаспора.
Висок функционер од Владата за Плусинфо вели дека секако и министрите од СДСМ водат кампања за пописот и дека сѐ повеќе ќе има кампања од сите. Тој потенцира дека и министрите Албанци водат кампања за попишување на сите.