Постојат препораки и досега размислувани и во светот и дома за организирање на изборите. Не верувам дека има потреба да се менува Изборниот законик, но не сум стручен, нека кажат правниците заради носењето на маските и идентификација на гласачите. Верувам дека со маска на лицето и со дезинфициенс на влегување и на излегување тоа можеме да го регулираме, но оставам тоа да го кажат стручните здравствени комисии – рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прашањето како ќе може да се спроведат изборите.
Тој додаде дека не е добро на избори да одиме на 40 степени кога улиците се празни и луѓето се надвор од државата на одмор.
Во врска со тоа дали очекува валкана кампања, Заев рече дека не посакува и се надева дека нема да има валкана кампања, додавајќи дека граѓаните доминантно неспоредливо повеќе ставаат внимание на тоа што им се нуди и програмски, но и кадровски во делот на нивната одлука, отколку негативни кампањи. Тој апелира да се избегнува таков начин на кампањско однесување.
Заедничкиот став на коалицијата „Можеме“ што се изгради на денешниот состанок на претседателите на партиите од коалицијата во седиштето на СДСМ, е да се искористи моментот на олабавување на коронавирусот и стабилизација на пандемијата и да се оди на избори во средината на јуни, поточно на 14 јуни.
Овој став, како што најави Заев, ќе биде претставен на лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски.