Заев: Нашите граѓани уживаат поголеми слободи и права заради сојузништвото со САД

Министерот за внатрешни работи по повод Денот на независноста на САД порача граѓаните не забораваат дека САД биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси.

219

Традицијата на американската демократија е водилка и инспирација за сите прогресивни демократии во светот. Посебно значајно е што новата администрација на претседателот Бајден го најави уште поголемото присуство на САД во Европа за реафирмација и развивање на силното транс-атлантско партнерство, ова го порачува премиерот Зоран Заев на својот фејсбук статус по повод 4 Јули, Денот на независноста на САД.

„Како стратешки партнер на САД, Северна Македонија е посебно горда што од 2020 година, Северна Македонија и САД се сојузници и во НАТО, најсилната воено-политичка алијанса во историјата на светската цивилизација. Од нашата независност до денес, нашата држава во САД има голем и посветен партнер и поддржувач и секогаш кога земјава беше ставена пред сериозни предизвици, имавме помош и поддршка за заедно да ги надминеме премрежјата и проблемите со бевме соочени“, напиша Заев во својот фејсбук статус.






Нашите граѓани, додава, денес уживаат поголеми слободи и права, во постабилна, побезбедна и попросперитетна држава и заради нашето партнерство и сојузништво со САД, и заради поддршката што земјата континуирано ја добива низ разните програми за поддршка на развојот на нашата демократија и институции.

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача граѓаните не забораваат дека САД биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси.

„Граѓаните на Република Северна Македонија не забораваат дека сте биле со нас и кога сме се соочувале со предизвици и кога сме постигнувале успеси, дека благодарение на вашата несебична поддршка успеавме да ја вратиме демократијата во нашата држава, да тргнеме во вистинската насока и во остварување на нашите стратешки цели – да станеме полноправна членка на НАТО, да продолжиме по зацртаниот пат кон Европската Унија, да изградиме стабилна и безбедна демократска држава, со подобрен меѓународен углед и поголеми слободи и права за граѓаните, за што од срце ви благодариме“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Поврзани содржини