ЗАЕВ НАРАЧУВАЛ ПРЕСУДИ ПРЕКУ ЏОЛЕВ? Боки-13 чува докази во мобилниот телефон
Тенденцијата доаѓа од основани за мене, аргументирани познати факти кои се наоѓаат во мојот мобилен телефон, а се поврзани со претседателот на Кривичниот суд, изјави Бојан Јовановски на денешното рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“.
Премиерот Зоран Заев нарачувал пресуди преку претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, тврдеше денеска Бојан Јовановски-Боки 13 пред судечкиот совет на рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“.
Боки 13 изјавил дека поседувал и докази во неговиот телефон на каков начин бил избран Џолев, па врз основа на тоа побара и негово изземање.
– Тенденцијата доаѓа од основани за мене, аргументирани познати факти кои се наоѓаат во мојот мобилен телефон, а се поврзани со претседателот на Кривичниот суд. И во ова мое барање искажувам целосна недоверба кон целиот правосуден систем, се надевам дека повисокиот суд нема паушално да го одбие моето барање како што го одби за изземање на овој судечки совет – изјавил Јовановски пред судот.
Откако Бојан влегол во расправија со судијката Софче Гаврилова, која му кажала дека нема потреба да кажува што има во неговиот телефон, а неговото барањето ќе биде доставено, Јовановски бил избркан од судницата.
Откако тргнал да ја напушта судската сала, Јовановски ѝ се обратил на Гаврилова, говорејќи дека во судот нема ниту ред ниту достоинство.