Заев: Напролет излегуваме од криза, ќе разговарам за проблемите со угостителите
Премиерот рече дека македонската економија живее и дека реализацијата на Буџетот е 99,5 проценти.
За сите протести, стоиме на располагање да разговараме за деталите, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи го најавениот попладневен протест на угостителите кои организираат свадби.
Заев истакна дека македонската економија живее и дека реализацијата на Буџетот е 99,5 проценти. Очекува напролет земјава да излезе од кризата и да се постигне очекуваниот раст на економијата.
– Во време на излез од кризата, лично имав став да завршиме со поддршка на платите. Да бараме излезно решение преку подигнување на профитабилноста, преку нови инвестиции, враќање на 10-15 илјади работници на работа. Како во цела Европа, така и ние, очекуваме напролет излез од кризата. И де факто излегуваме од кризата. Ги гледаме бројките и податоците. Верувам дека економиите во светот, па и нашата, не можат да опстојат долго со локдаун, бариери, тешка психологија која влијае врз сите. Мора да работиме сите – рече Заев.
Тој додаде дека во иднина ќе се генерираат мерки кои ќе поттикнуваат раст и развој.