Заев: Медарски не е вклучен во ништо што е поврзано со „Дијаверум“
Тој посочи дека му е логично државните институции и нивните директори поставени од Владата да соработуваат и во својата комуникација да приложуваат докази помагајќи си едни на други.
Адвокатот Медарски не е вклучен во ништо што е поврзано со „Дијаверум“ на никаков можен начин, ниту ангажиран како адвокат, а ниту МВР работело на такви предмети, изјави денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на прашање во врска со последните објавени аудио-снимки.
Тој посочи дека му е логично државните институции и нивните директори поставени од Владата да соработуваат и во својата комуникација да приложуваат докази помагајќи си едни на други.
Прашан за снимките што се појавија пред неколку часа на интернет на кои е поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, Заев вели дека непосредно пред да се симне на прес-конференцијата ги погледнат снимките.
– Прво во недостиг на програма, во недостиг на концепт, ВМРО-ДПМНЕ манипулирало во минатото, манипулира сега и ќе манипулира во иднината со лажни вести кои апсолутно граѓаните знаат и да ги насетат. Снимката ја видов и ќе го прашате Ден Дончев да ви каже каде е таа снимка. Втората работа ја слушнав и во аудио разговорот кој е објавен. Едно што знам, секако ќе дадам одговор откога ќе разговарам и со Ден Дончев околу деталите. Вклученост на Медарски кој се спомнува внатре, кој е мој адвокат, многу често ангажиран и од СДСМ, имало во предмет со Тотал ТВ, каде меѓу себе сопственици воделе пријави до полиција и слично и полицијата постапувала со Тотал ТВ, но секако ќе си каже и Ден Дончев, не би навлегувал во вакви лажни, манипулациски пуштања на снимки – вели Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање за ветингот во судството, Заев вели дека во Законот за судовите во Закон за јавно обвинителство првпат е вградена одговорност за судија и обвинител.
– Прочистувањето како процес е неопходен во нашата земја и тој треба да заврши. Ветивме законодавство, го изработивме како извршна власт и успеавме во Парламентот да го поминемеме дури и таму каде што требаше дво-третинско мнозинство. Сега останува практичната реализација на судиите. Должни се да судат експресно ефикасно, правично, еднакво и транспарентно. Тоа го очекуваат од нив сите граѓани, вклучитлено и јас – вели Заев.
Постапките, како што додава, мора да бидат јасни за секој, да знаат каде има одговорност и како се носи таа одговорност или ако нема вина зошто некој е ослободен од процесите. – Верувам дека периодот којшто претстои е токму прочистувањето во правосудството во нашата земја, додава Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање за Орце Камчев, Заев вели дека тој па и секој друг бизнисмен и политичар кој се огрешил пред законот мора да одговара, но дека секој е невин додека не му се докаже вината.
– Презумцијата на невиност треба да ја почитуваме сите, но кога луѓето забегуваат со пари коишто веројатно се крадени пари, пари коишто не се стекнати со пот и труд често се проблематични во светот и во нашата земја. Затоа постојат Агенции за борба против перење на пари или Управа за финаниско разузнавање. Затоа што парите стекнати на незаконски начин купуваат човечки души, купуваат влијание, купуваат моќ , уништуват цели системи. Затоа треба процесите за секој да разјаснат што е што. И апсолутно никој, вклучително Заев, Мицкоски и било кој политичар, бизнисмен дали е тоа Камчев сите мора да бидат еднакви пред законот – вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев.