Заев и Мицкоски не постигнаа договор за датумот на избори

 На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции.

945

На покана на претседателот Стево Пендаровски, вечерва во „Вила Водно“ се одржа средба со лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ВМРОДПМНЕХристијан Мицкоски.

– На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори – стои во соопштението од кабинетот на Претседателот Пендаровски.






 Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе.

По завршувањето на средбата кај претседателот Пендаровски, лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаа идентични обраќања пред новинарите дека не е постигнат договор за датумот на избори.

– Ви се заблагодарувам што не чекавте два ипол часа. Во интерес на разговорите, договоривме Претседателот да испрати соопштение да ја информираме јавноста. Не успеавме да постигнеме договор, па оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушнеме ќе се слушеме – рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Истиот став го имаше и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Да ви се заблагодарам за трпението што еве речиси три часа чекавте да слушнете каков ќе биде исходот од средбата кај Претседателот Пендаровски. Во интерес на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација, донесовме заеднички заклучок Претседателот да испрати соопштение за тоа што се зборуваше. Во деновите кои што следат ќе има дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните, тоа што е важно во овој момент се уште нема договор – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Средбата, што почна во 18:30 часот вечерва, уследи по денешниот повик од Пендаровски за решение за изборите за кои порача дека треба да се одржат но да бидат во договор и со учество на сите политички субјекти.

Ова е прва средба во ваков формат за изборите кај шефот на државата, откако на претходните две лидерски средби не беше постигнат договор за датумот за изборите, што беа одложени поради кризата со КОВИД-19

Поврзани содржини