Заев и Хоти разменија честитики за договорите со Грција и со Србија
По тет-а-тет средбата во Владата, двајцата премиери на прес-конференцијата изразија надеж дека наскоро ќе се одржи меѓувладината седница на која ќе се разгледаат и потпишат договори меѓу двете држави.
Земјава и Косово имаат одлични билатерални односи и добра трговска размена, а одржувањето на првата меѓувладина седница ќе биде дополнителен импулс за натамошен развој и интензивирање на меѓусебните односи, оценија премиерите на двете земји Зоран Заев и Авдулах Хоти на заедничка прес-конференција во Скопје.
По тет-а-тет средбата во Владата, двајцата премиери на прес-конференцијата изразија надеж дека наскоро ќе се одржи меѓувладината седница на која ќе се разгледаат и потпишат договори меѓу двете држави.
Заев во изјавата рече дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на земјава и дека трговската размена се одвива слободно без царини согласно ЦЕФТА-Договорот и Договорот за економска соработка помеѓу двете земји.
– Северна Македонија е една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Имено, и во вакви вонредни услови наметнати од ковид-19, вкупната трговска размена заклучно со август оваа година е близу 170 милиони евр – рече Заев.
Тој го поздрави и Договорот за нормализирање на економските односи меѓу Косово и Србија кој беше постигнат во Вашингтон и посочи дека македонската Влада дава поддршка за заемно прифатливо решение кое ќе го гарантира и зацврсти мирот и безбедноста во нашиот регион.
-Нашиот народ вели дека соседите не се бираат, но секогаш први притекнуваат на помош. Токму затоа очекуваме Косово да се вклучи и во засилената регионална соработка која ја предводат Северна Македонија, Србија и Албанија со цел нејзиниот инклузивен карактер да биде приоритет за регионот без разлика на отворените политички прашања. Следниот петок ќе имам состанок со претседателот Вучиќ и премиерот Рама каде што една од точките ќе биде токму таа со намера да испратиме и заедничка покана. Ова секако пред се е од интерес на нашите граѓани првенствено за имплементација на четирите слободи на ЕУ во Западниот Балкан, слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал, а што ќе овозможи и побрза интеграција и усогласување со ЕУ. Токму заедничкиот ангажман кој произлегува од самиот регион ќе претставува силна додадена вредност за нашите европски перспективи и за веќе постојните иницијативи кои се во таа функција – Берлинскиот процес и Регионалниот совет за соработка – истакна Заев.
Косовскиот премиер Хоти упати честитки до Владата за, како што рече, извонредните резултати што ги постигна, посочувајќи го притоа Договорот со Грција.
– Ви честитам за постигнувањето што го направивте кон европската интеграција и во постигнувањето на регионални иницијативи за коишто ние очекуваме да се придружиме за да работиме заедно кон целосно нормализирање на односите во регионот. Направивте еден долг 30-годишен пат како држава и ние и целиот регион научивме многу од реформите што вие ги преземавте особено во областа на економијата- рече Хоти.