Заев и Ахмети се разидоа за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ја поздрави поддршката од СДСМ
Останува да се види дали ДУИ ќе остане осамена во одбивањето на Резолуцијата, односно каков ќе биде ставот за ова прашање на Алијанса и Алтернатива.
Ќе ги скара ли Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ владините партнери СДСМ и ДУИ е дилемата откако социјалдемократите на прва ја искритикуваа, за денес да изјават дека ќе ја усвојат во Собранието, додека, пак, шефот на дипломатијата Бујар Османи веќе изјави дека таа е штетна за државата.
Од ДУИ засега нема официјален став, освен тој на Османи, дали во Собранието ќе гласаат за Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски експресно го поздрави чекорот на СДСМ да ја поддржи Резолуцијата.
„Резолуцијата ги содржи националните црвени линии од кои ниту една Влада не смее да отстапи“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи откако портпаролот и пратеник на владејачката партија Костадин Костадинов порача дека ќе ја прифатат Резолуцијата за преговорите со Бугарија на опозицијата.
– ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги обединува сите општествени и политички фактори и да биде носечкиот столб за заштита на националното ткиво и стратешки цели на Македонија. Покажуваме дека обединети сме посилни. Се заблагодарувам на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за својот придонес со создавање на текстот на оваа резолуција. Се заблагодарувам на сите политички партии, и од опозицијата и од владејачкото мнозинство кои беа спремни да ја поддржат Резолуцијата или беа спремни на разговор со нас за истата. Се надевам дека денешната изјава од СДСМ е искрена и се базира на сериозните аргументи кои ги понудивме. Доколку СДСМ не постапат според денес кажаното или доколку се обидат низ процедурални собраниски трикови да го закочат носењето на оваа Резолуција, тогаш ќе направат штета за Македонија – посочи Мицкоски.
Пратениците Антонијо Милошоски и Тимчо Муцунски, според најавите од партијата, за Резолуцијата утре ќе одржат средби со ДУИ и со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Денеска тие за Резолуцијата веќе добија поддршка и од Демократски сојуз, ДОМ и од ЛДП со кои имаа средби.
Пратеникот на СДСМ, Коста Костадинов, денеска изјави дека тие ќе ја прифатат резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
– Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувано и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што всушност и видовме од медиумите. Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема – изјави Костадинов.
Тој очекува ВМРО-ДПМНЕ да ја испрати Резолуцијата до пратениците.
Но, и покрај обидите, не успеавме од ДУИ да добиеме став дали изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи е официјален партиски став за Резолуцијата.
– Демократската унија за интеграција ја гледа на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за резолуција за Бугарија како обид да се добијат политички поени во пресрет на локалните избори – изјави Османи за Алсат ТВ.
Според него, несериозно е државните интереси да се ставаат во функција на избори.
– Тоа им штети на интересите на државата и сите граѓани – рече Османи.
И Демократскиот сојуз смета дека Собранието треба да расправа и да усвои резолуција за стратешките државни и национални интереси поврзани со евроинтеграциските процеси, сè со цел да се упати јасна порака и до Европската Унија, но и до соседните држави дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот, кој е едно од клучните обележја на секој народ. Од партијата велат дека инсистира на консензус при носење на Резолуцијата.
За ДОМ генерално Резолуцијата е прифатлива, изјави лидерката и пратеничка Маја Морачанин.
Таа рече дека се можни корекции во текстот, но најважно е дека текстот е коректен, односно дека за македонскиот идентитет, јазик и народ не може да се разговара.
За пратеничката од ЛДП Моника Зајкова е важно за такви резолуции да има консензус оти тоа ќе обезбеди подобри позиции на државата.
Останува да се види дали ДУИ ќе остане осамена во одбивањето на Резолуцијата, односно каков ќе биде ставот за ова прашање на Алијанса и Алтернатива.