Денеска не е постигнат договор за формирање мнозинство помеѓу СДСМ и ДУИ – тоа е исходот од средбата што лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети, ја имаа во Собранието, попладнево.
– Жалам што не можеме денеска да соопштиме дека има договор со страните со кои разговараме, логично разговорите ќе продолжат следните денови и веднаш штом можеме тоа да го споделиме преку медиумите – изјави Заев по средбата со Ахмети.
Тој додаде дека нема да се губи многу време во распределбата на ресорите зашто отприлика се знае кој каде ќе учествува.
– Верувам дека нема многу време да губиме во распределбата на ресорите, приближно знаеме кој каде е подготвен да земе одговорност, но сето тоа ќе значи и компарација со кадрите за кои ќе се разговара, но дефинитивно имаме уште многу да работиме во следниве денови. Се надевам дека тоа ќе биде час поскоро или ден порано – рече Заев.
И Ахмети рече дека договор денеска не е постигнат, но дека е оптимист оти преговорите ќе продолжат.
– Договор не е постигнат и се надеваме дека таков договор е можен затоа што државата не треба да остане без извршна власт. Државен интерес е да се продолжи партерството кое затвори многу значајни теми – членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме позитивен епилог од овие разговори. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока – изјави Ахмети по средбата со Заев.
Заев повтори дека ја чувствува како притисок поканата за средба што ја упати денеска Ахмети до лидерите од албанскиот политилки блок по повод годишнината од Рамковниот договор.
– Дадов коментар на директно прашање дали повикот на ДУИ да се состане со сите политички партии на темата претседател на Владата на предлог на ДУИ, да, го чувствувам како притисок. Понатаму нема да разговарам, сакам да дадам шанса на разговорите, нормално е поради тоа што може и сите политички партии кои се претставници на неалбанските граѓани во државата, од неалбанската етничка заедница, значи може и тие да се соберат. Значи, можеме ние и со претставници на бошњачките партии, и со ВМРО-ДПМНЕ и со турските партии и слично, треба да се води грижа и за тоа. Ако е поводот Охридскиот рамковен договор и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат таму – рече Заев.