Заев е негативен на ковид-19
Тестот за коронавирус на претседателот на политичката партија СДСМ Зоран Заев е негативен - информираат од Министерството за здравство.
Како што претходно беше најавено, резултатите од тестирањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев пристигнаа, при што резултатот е негативен.
– Тестот за коронавирус на претседателот на политичката партија СДСМ Зоран Заев е негативен – информираат од Министерството за здравство.
Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски од денеска се во задолжителна самозолација, по информацијата дека ТВ новинар, кој е позитивен на ковид-19, во минатата недела имал интервју со двајцата лидери на политичките партии, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, во вонредното обраќање денеска.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев преку неговиот фејсбук профил потврди дека е во самоизолација поради контакт со заболен од коронавирусот и дека се чувствува добро.
– Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на Ковид-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори – напиша претходно Заев на неговиот фб профил.