Заев ќе го разреши Пауновски: Не може да се дозволи некој да пркоси!
Премиерот информира дека од 1.349 луѓе кои биле на списокот 1.183 изјавиле дека ја прифаќаат работата, 38 не ја прифаќаат и се на трансфер листата.
Премиерот Зоран Заев очекува службите да покренат постапка за разрешување на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, по неговото отворено спротивставување на политиките што ги води владата во однос на распределбата на рамковните вработени во земјава.
Премиерот, како што рече, не може да замисли директорот на една институција да се спротивставува на повискоите органи од него кои го назначиле. Како вшто рече премиерот, тој лично од вицепремиерот Љупчо Николовски очекува предлог за разрешување на Пауновски.
– Очекувам институциите да поведат постапка за разрешување на Пауновски. Не може да се дозволи тој секој ден се препукува со вицепремиерот и сега и со премиерот. Не може да се дозволи некој да пркоси на нешто што е поставено на одлични искрени основи да им се најде работа на луѓето кои со години седеа дома и земаа плата. Сите тие се наши граѓани– рече Заев.
Премиерот рече дека Пауновски му е пријател, но има доволна основа за негово разрешување, за што ќе решат службите.
Тој информира дека од 1.349 луѓе кои биле на списокот 1.182 изјавиле дека ја прифаќаат работата, 38 не ја прифаќаат и се на трансфер листата ,додека 13 сами си дале оставка .
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски некое време отворено се спротивставува на распределбата на лица со несоодветно образование во инспекторатот.
– Ако премиерот Зоран Заев не ме разбира, немам што друго да кажам освен дека може слободно да ме разреши на наредната владина седница. Ми даваат 35 луѓе за во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а таму немаме потреба од нови вработување, туку имаме за во струмичкиот регион и во источна Македонија. Овие нови вработени нема да има каде да ги сместиме, нема место во канцелариите, пак ќе треба дома да седат. Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација – изјави Пауновски.
Пауновски вчера јавно соопшти дека нема да ги потпише решенијата за вработување на 35 административци од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на што премиерот Зоран Заев му порача да не прави отпор. Пауновски рече дека дел од кадрите кои му се даваат се со несоодветно образование и не одговараат за позицијата инспектори, а само 12 биле правници и економисти.